Собранието денеска во второ читање ги усвои измените на Законот за минимална плата со кои се дефинираат условите за минималната плата од 18.000 денари. Тие треба да почнат да се применуваат со мартовската плата што ќе се исплати во месец април. Законот за минимална плата беше изгласан со 90 гласа ЗА, без против и воздржани. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, има двојно зголемување од 2016 година, со што станавме предводници во Европа со висината на уделот на минималната во просечната плата.
„Работниците и вреднувањето на нивниот труд се наш приоритет. Очекуваме ова законско решение да влијае позитивно и на останатите плати во другите индустрии, со што се подобрува стандардот на граѓаните. Од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и тоа во 2017/2018 година на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари и во 2021 на 15,194 ден. Сега со новиот предлог од март 2022 година минималната плата ќе изнесува 18,000 денари за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари Со оглед на тоа дека методологијата е промената очекуваме и зголемување на продуктивноста на трудот“, рече Тренчевска.
Со новото законско решение старите критериуми се заменети со два нови поповолни критериуми со кои усогласувањето на минималнaта плата ќе биде: 50% од порастот на просечно исплатената нето плата во Република Северна Македонија во петходната година и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Третиот критериум е новина, со која висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.
Според министерката Тренчевска вака дефинираната нова методологија покрај зголемувањето на минималната плата гарантира одржливост и континуиран раст на минималната плата, сразмерно со покачувањето на продуктивноста на трудот, што значи дека износот од 57% нема да зависи од волјата на политичките субјекти кои се на власт.
„Законот за минимална плата е донесен на еден транспарентен начин преку социјален дијалог и преговори водени на Економско-социјалниот совет меѓу претставниците на работниците ССМ, на работодавачите ОРМ и на Владата. Зголемувањето на другите плати не е предмет на овој Закон, туку на матичните закони и на колективно договарање кое се прави помеѓу социјалните партнери, во случајот гранковите синдикати, репрезентативниот синдикат и соодветните институции без разлика дали се државни или приватни“, рече Тренчевска.
За спроведување на Законот за минимална плата до крајот на годината ќе бидат потребни 939.645.000 денари од Буџетот на Република Северна Македонија. Државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од минималната плата од 15.200 денари која се исплаќа сега, до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.
Предвидената финансиска помош од Буџетот на Република Северна Македонија се однесува за периодот март-декември 2022 година истата ќе биде во износ од 1.197,00 денари. Притоа, се дефинира дека оваа финансиска помош им се обезбедува на работодавачите за работници на кои основната плата ќе се исплаќа до нивото на бруто плата во износ од 26.422,00 ден.