Топлификација ги врати сите три лиценци за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија издадени од Регулаторната комисија за енергетика, а своите ресурси ги става на располагање на секој кој во иднина ќе ги добие овие лиценци.
На Македонска берза објавија, дека ова е единствениот начин до трајно решение за снабдувањето со топлинска енергија во градот.
“Зголемувањето на цените на горивата во текот на 2010 и 2011 година значително го зголемија потребниот обртен капитал за вршење на дејноста производство на топлинска енергија. За грејната сезона 2011/2012 година износот на потребниот обртен капитал достигна вредност од 25 милиони евра што беше далеку над можностите на Топлификација АД “, се објаснува во информацијата.
Се додека друг правен субјект не добие лиценца, Топлификација продолжува да работи под истите услови и цени согласно законот.
Од компанијата велат дека се подготвени на компанијата која ќе ги замени да и ги стави на располагање сите потребни средства за вршење на дејноста.
Во понеделникот “Макпетрол“ објави дека поради долг од 1,7 милиони евра ќе ја прекине испораката на мазут и природен гас кон Топлификација. Владата веднаш интервенираше.