Вкупно 80.000 шишиња од категоријата висококвалитетни вина „Вранец спешл селекшн“ берба 2011, ќе извезе винарската визба „Тиквеш“ во Данска.
Ова, како што соопшти денеска генералниот директор Игор Илиевски, е договорено минатата недела, а првите количини се веќе испорачани во 48 специјализирани продавници на увозникот „Хансен“, како и низ рестораните во Данска.
– Ова е одлична вест за заокружување на годината што изминува. Задоволството е уште поголемо зашто со најновата извозна зделка се потврдува стратегијата и определбата на „Тиквеш“ за што поагресивен настап и промоција на извозот, истакна Илиевски на средба со новинарите.
Менаџерката за извоз во „Тиквеш“ Катерина Костовска посочи дека пласманот во Данска е прв позначаен пробив на македонското вино на скандинавските пазари. Успехот, додаде, е значаен со оглед на фактот дека тиквешки „Вранец“ од серијата „Спешл селекшн“ увозникот го прогласи за вино на годината и е позициониран во винските листи заедно со некои од најпознатите француски, италијански, португалски, австралиски и американски вина.
– Со својот квалитет очекуваме нашето вино да биде добро прифатено од данските љубители што ќе значи континуитет и проширување на пласманот на овие пазари, како и можност за пробив и на други македонски вина, напомена Костовска.
Според Илиевски, и покрај сите предизвици 2012 беше успешна година за „Тиквеш“ особено за извозот кој бележи зголемување од 30 отсто.
Предвидувањата за наредната 2013 се оптимистички.
– И покрај сите најави од еврозоната, преку регионот до Македонија дека 2013 ќе биде исклучително тешка ние сме убедени во спротивното, дека можеме да бидеме умерено позитивни во очекувањата, рече генералниот директор Илиевски.
Увозникот на вината од „Тиквеш“ во Данска, компанијата „Хансен“, е основана во 1829 година. Покрај пласманот „Хансен“ врши и успешна промоција на вината што ги увезува, а тоа го потврдуваат и потрошувачите. Интернет-страницата на компанијата на која се веќе поставени информациите и препораките за „вранецот спешл селекшн“, купувачите ја прогласија за најдобар специјализиран веб-портал за вино.
Зацврстување на позициите на актуелните извозни пазари, таргетирање и освојување нови, како и продолжување на инвестициите во македонската винска култура, остануваат главни определби на винарската визба „Тиквеш“.