Министерот за финансии, Драган Тевдовски кажа дека е предвидено преку заем да се обезбедат околу 470 милиони евра за финансирање на буџетскиот дефицит, кој што е предвиден 2,7 отсто од БДП.
Министерот кажа дека за странското задолжување ќе биде клучна каматната стапка.
– Не е исто да се излезе на странски пазар или со еврообврзница која ќе има три, четри и пет проценти или ќе има девет или 10. Ќе донесеме одлука за излегување на странски пазар само ако мислиме дека граѓаните ќе платат ниска цена, изјави Тевдовски по промоцијата на неговата публикација „Патот напред – Колумни за економскиот раст и социјалната кохезија во Македонија“ на Економскиот факултет во Скопје.
Тој кажа дека и со ребалансот на Буџетот имало можност за домашно и странско задолжување, но поради успешното финансирање од домашниот пазар не се излегло на странскиот.
– За следната година предвидовме да има можност и за странско задолжување, бидејќи сега имаме ниски поволни каматни стапки на меѓународните пазари, а очекувањата се дека ќе почне да се зголемуваат. Тоа не прави да размислуваме дека можеби е време да излеземе на меѓународниот пазар. Воедно во моментов трите еврообврзници имаат историски најниска каматна стапка и ако се излезе би се добило ниска цена. Во тие рамки правиме анализи, посочи Тевдовски.