Тековни и планирани инвестиции во општина Валандово беа тема на денешната средба на министерот за финансии Драган Тевдовски и градоначалникот Перо Костадинов, кои заедно извршија увид на градежните работи на булеварот Првомајска, што во моментов се реновира. Проектот се реализира преку проектната единица на МСИП на Светска Банка во Министерство за финансии. Средствата за негова реализација се обезбедени преку ЕУ.
– Европската Унија инвестира во инфраструктурни проекти. Нашите партнери го поддржуваат развојот со над 90 милиони евра годишно, истакна, МФ Тевдовски.
Според него, овие проекти се важни за локалната економија, а за Владата приоритетен е економскиот развој.
Тевдовски заедно со градоначалникот оствари средба и со стопанствениците.
– Водиме политика со која се поддржуваат домашните компании. Првпат има сериозна поддршка за нашите компании од Буџетот“, порача тој.
Министерот додаде дека во моментов со меѓународните партнери работат и на поврзување на странските инвеститори со домашни компании.
Тевдовски нагласи дека влезот во НАТО ќе придонесе за раст на странските инвестиции. Безбедноста е најважна за инвеститорите.
Со стопанствениците беше разговарано и за повратот на ДДВ. Тевдовски информира дека во август има 2,7 милијарди денари поврат на ДДВ. Повратот на ДДВ кон фирмите се прави навремено и неселективно. Оцени дека ова е важно за подобрување на ликвидноста.