Светска банка ги одобри 90-те милиони евра за земјава во справувањето со КОВИД 19

Од:

Канцеларијата на Светска банка во Скопје соопшти дека се одобрени 90-те милиони евра за поддршка на земјава за спречување на корона вирусот, за зајакнување на националниот здравствен систем и за ублажување на социјалните последици од пандемијата.

– Со Проектот за итен одговор на состојбата со КОВИД-19 ќе се обезбеди директна поддршка за ограничување на локалното пренесување на вирусот преку зајакнување на системите за следење на болестите и на јавните лаборатории преку набавка на дијагностички комплети, реагенси, потрошни материјали, опрема за лична заштита и обука за соодветните протоколи. Ќе биде обезбедена и поддршка за делумни реновирања за да се отворат дополнителни кревети за интензивна нега, за системите за управување и депонирање на медицинскиот отпад и за мобилизирање на дополнителни капацитети во здравствениот систем преку финансирање на платите за обучени и добро опремени здравствени работници директно вклучени во справување со кризата што не биле предвидени во државниот буџет, велат од Светска банка.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Марко Мантованели вели дека поради економските последици од КОВИД-19, особено врз ранливите домаќинства, преку проектот ќе се обезбеди социјална помош за да се ублажат овие ефекти и да им се овозможи да се придржуваат на мерките за социјално дистанцирање.

– Светска банка помага луѓето да се заштитат од епидемијата и да се задоволат итните потреби на здравствениот сектор за да се намали притисокот врз здравствениот систем, истакнува Мантованели.

Со проектот ќе се обезбедат и парични надоместоци за ранливите домаќинства погодени од економските последици на КОВИД-19 и обезбедување храна и основни производи за населението во карантин и за домаќинствата погодени од вирусот. Ќе се финансира и осигурувањето во случај на привремена невработеност преку обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата.

Би можело да ве интересира

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Наместо замрзнување на цените, да се обезбедат подобро платени работни места препорачува Светска банка

Светска банка: Македонија со најнизок економски раст во регионот

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

Светска банка планира да одвои околу 700 милиони евра за спроведување на новата стратегија за соработка со Македонија