Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарис изрази уверување дека постои можност за ново реструктурирање на грчкиот долг.
Стурнарис ваквата доверба ја изрази во интервју за германскиот весник „Билд“. Според него реструктурирањето може да биде извршено, доколку Грција ја постигне целта за зајакнување на финансиите.
– Ако Грција успее да оствари буџетски суфицит, тогаш Европските земји ќе разгледаат нови мерки за намалување на грчкиот долг, истакна министерот за финансии.
Кон средината на јануари Меѓународниот монетарен фонд посочи дека грчкиот долг се уште е премногу висок, наспроти веќе извршеното реструктурирање на истиот. Претставникот на ММФ Пол Томсон предупреди дека долгот ќе остане висок, ако не се преземат мерки за олеснување на таа позиција или ако нема долгорочна помош за Атина од ЕУ.
Експертите на тројката меѓународни кредитори од Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд кон крајот на месецот треба да пристигнат во нова проверка на финансиите на земјата. Од нивната оценка ќе зависи доделувањето на следната транша од финансиската помош за земјата.