Општина Струмица ги промовира своите потенцијали како бизнис дестинација на Светскиот саем и бизнис платформа на прехранбената индустрија „Ануга“, што се одржа во Келн, Германија, од 7 до 11 октомври, а на која се претставија повеќе од 7.400 компании од 107 земји од светот.
Покрај официјалниот дел од саемот, во текот на саемските денови, имаше и богата придружна програма на која присуствуваа претставници на општините Струмица и Кичево.
Како дел од придружната програма на саемот „Ануга”, во рамки на проектот „Бизнис Мрежа С-К-К”, беше реализиран и настанот „Движи се напред – Бизнис соработка со Македонија!”.
– Главната цел на овој настан беше промоција на можностите и потенцијалите за инвестирање во општините Струмица и Кичево – проектни партнери од Република Македонија. При посетата на саемот, покрај промоцијата на инвестициските можности на организиран едночасовен настан, дополнително беше направена и директна промоција на Струмица и Кичеви на повеќе од 50 штандови во саемските сали. Сите компании кои беа заинтересирани за соработка со општините Струмица и Кичево, па и пошироко во Република Македонија, беа запознаени со сите специфичности и поволности при инвестирање, велат од одделението за локален економски развој на општина Струмица.
Струмица и Кичево го промовираа и Бизнис каталогот на извозно – ориентирани претпријатија од двете општини во рамки на штандот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија со што посетителите можеле да се запознаат со претпријатијата кои имаат потенцијал за извоз, нивните производи и услуги и сите други потребни информации за понатамошна соработка.
– Последна, но не и најмалку важна придобивка од посетата на саемот „Ануга“, беше и поврзување на Канцеларијата за поддршка на деловните субјекти со повеќе организации, асоцијации и агенции од странство кои имаат иста цел – поддршка на развојот на претпријатијата и поттикнување на соработка на глобално ниво со што придонесуваат за зајакнување и развој на својата држава на економски план, велат од ЛЕР на Струмица.