Порастот на индустриското производство во февруари од 4,5 проценти во однос на истиот месец минатата година е показател дека започнува тренд на раст на индустриското производство во Македонија, оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по посетата на металуршкиот комбинат „Југохром фероалојс“ во Јегуновце.
– Охрабрен сум од добрите резултати на „Јухогром“ во почетокот на годинава и сметам дека комбинатот во последните неколку месеци работи добро. Вклучени се сите печки, илјада луѓе се на работа што е најмногу во последните 10-ина години. „Југохром“ е составен дел на индексот на растот на производството, очекувам во следните месеци да продолжи тој тренд и македонската индустрија да продолжи со позитивни стапки и на тој начин да го повлече и растот на економијата и на БДП во целина, изјави Ставрески.
Тоа, потенцира, е добро заради тоа што значи нови работни места и подобри денови за македонската економија.
– Секогаш бевме тука кога требаше да опстане и да продолжи со работа „Југохром“, стожерот на стопанството за овој регион, а така ќе биде и во иднина. Владата и локалната власт и понатаму ќе ја пружаат сета потребна помош како што направија и претходно кога беше потребно да се приватизира земјиштето и да се поттикне извозот во „Југохром“, рече Ставрески.
Генералниот директор на „Југохром фероалојс“ Бранислав Ѓуровиќ истакна дека првпат во последниве 20 години во комбинатот работат илјада работници.
– Работиме добро, работевме добро и порано, но не со толкав капацитет, а како што времето поминува се подобро работиме, рече Ѓуровиќ и додаде дека за сето време имале максимална поддршка од Владата и од локалната самоуправа.
Нагласи дека само „Југохром“ за најмалку 20 проценти го има зголемено производството во првите два месеци од годинава има реализирано извоз од 53 милиони долари.
„Југохром“ извезува по околу 6,5 милиони тони феросилициум на месечно ниво насекаде низ светот.
Кандидатот за градоначалник на Општина Јегуновце од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Тони Коцески нагласи дека не е првпат вицепремиерот и министер за финансии да го посети најголемиот металуршки комбинат во Македонија.
– Како локална самоуправа заедно со Владата и понатаму ќе се обидуваме да ги овозможиме сите услови неопходни за работа на комбинатот бидејќи се работи за странска инвестиција која секогаш е добредојдена во нашата држава. Сета логистика што можеме како локална самоуправа да ја понудиме ја дававме и досега, а се надевам и во иднина на успешна соработка во интерес на граѓаните на општина Јегуновце бидејќи најголем дел од вработените во комбинатот се токму од општината, рече Коцески.
Генералниот директор на „Југохром“ Ѓуровиќ потенцира дека без поддршката од Општината и од централната власт тешко би можеле да ги остварат резултатите и изрази надеж дека соработката со локалната самоуправа ќе продолжи и во иднина бидејќи, како што рече, едни без други не можат да опстанат.