Поголеми плати во јавниот сектор од годинава и поголеми пензии и социјална помош од следната година предвидува буџетот за 2015 година, кој помина синоќа на владина седница.
Ова денеска на прес-конфернција го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој го презентираше Предлог буџетот за догодина.
Според него, од ноември годинава со исплатата на октомвриската плата примањата во јавната администрација ќе се покачат за 4 проценти.
Од јули со јунската исплата социјалната помош ќе се покачи за 5 отсто, додека пензиите од октомври со исплатата на септемвриската пензија ќе се зголемат исто така за 5 отсто.
Буџетот за 2015 година, како што истакна вицепремиерот Ставрески, е во функција на исполнување на приоритетите на оваа Влада, а тоа се поддршка на стопанаството и приватниот сектор опреку капитални инвестиции, но и стандардот на граѓаните.
Како што посочи Ставрески, предлог-буџетот е резулат на опсежна анализа, каде се земени во предвид два тренда – движењата во европската економија и постигнувањата во македонската економија годинава.
– Европската економија покажа негативни знаци, во осум земји има пад на индустриското производство, како и негативни трендови во германската економија. Ние пак, забележавме висок раст за 4,3 отсто во вториот квартал годинава. Ги анализиравме и двата тренда и заклучивме дека македонската економија благодарение на економскиот раст, може да си дозволи покачување на платите, пензиите и социјалната помош и со тоа да го подобри стандардот на граѓаните, изјави Ставрески.
Инаку, Буџетот за 2015 година е проектиран на раст од 4 отсто на БДП, инфлација од 2 отсто и буџетски дефицит кој е понизок од годинашниот и изнесува 3,5 отсто.
Вкупните приходи за следната година се проектирани за 5 отсто повисоки од оваа и ќе изнесуваат 163 милијарди и 280 милиони денари, додека расходите се повисоки за 4 проценти и ќе изнесуваат 181 милијарда 777 милиони денари.
За субвенции за земјоделците се предвидени 140 милиони евра, додека за капитални инвестиции 21 милијарда 209 милиони денари.
Вицепремиерот Ставрески истакна дека и следната година продолжува инвестицсикиот циклус во патната и железничката инфраструктура и издвои неколку побитни проекти како Коридорот 10 за кој ќе се вложат 3,4 милијарди денари и за железничката инфраструтура една милијарда и 311 милиони денари.
За гасификацијата ќе се вложат 258 милиони денари, а за изградба на клинички центри 529 милиони денари. За изградба и реконструкција на средни и основни училишта 600 милиони денари. За изградба и опремување на технолошко-индустриски развојни зони предвидени се 535 милиони денари.
Предлог буџетот утре ќе биде доставен до Собранието.