Македонските компании најмногу ги имплементираат стандардите за квалитет и за заштита на животната средина, што се бараат во речиси секој тендер, но за останатите не се многу заинтересирани. Ги применуваат ако се евентуално наметнати со закон.
Како што велат од Институтот за стандардизација, токму тие стандарди, што се бараат со закон, се всушност и најпродавани.
Македонија годинава бележи двојно зголемена продажба на стандардите, од ланските два милиона на четири милиони.
Цената на стандардите е 300 до 3.000 денари или 50 отсто помала од онаа во западните земји.
-Примената на стандардите генерално е на доброволна основа, но има и такви што се наложени со закон. Токму тие стандарди се и најпродавани, истакна Соња Черепналковска, раководител на Сектор во Институтот.
Според Сојузот на стопански комори (ССК), примената на стандардите значи поголема конкурентност и отворање нови пазари.
-Компаниите во принцип купуваат стандарди претежно за квалитет, ИСОО 9001, и за животна средина, ИСО 14001, но македонската индустрија веќе ја гледа потребата од употреба на европски стандарди и приспособување кон новите технологии, поточно замена на старата опрема со нова паралелно изработена со европските стандарди за да може да излезат на европскиот пазар и да бидат конкурентни. Европските стандарди стануваат клучен елемент за промовирање на индустриската конкуренција, како и за овозможување појава на нови пазари и развивање нови технологии. Нивната примена значи елиминирање на трговските бариери и обезбедување поголема ефикасност. Самиот процес на стандардизација е комлксен, чини време, ресурси и средства, но крајната цел е зголемен извоз и конкурентност на компаниите како и испорачување на подобри економски резултати, нагласи потпретседателот на ССК, Габриела Кулебанова, по потпишувањето на Меморнадумот за соработка со директорот на Институтот Џевад Кицара.
И Кицара рече дека производите што се во согласност со стандардите се многу поконкурентни и имаат предност над оние кои не се произведени согласно стандардите.
-Стандардот претставува и патна исправа за учество на отворениот пазар на европско, но и на глобално ниво. Еден европски стандард се применува во 33 земји, со што се отвора пазар од повеќе од 500 милиони потрошувачи, а со тоа се елиминираат трговските бариери. Токму стандардите можат да им помогнат на компаниите да бидат во согласност со барањата поставени во регулативите на ЕУ, а безбедни и квалитетни производи можат да се пласираат на глобалниот пазар само со примена на барањата што се пропишани во стандардите, посочи директорот.
Македонија до сега има хармонизирано 28.000 стандарди. Во 2017-та Институтот продал 1.284, а годинава 1.284 стандарди.