„Стандард и Пурс“: Монетарната политика придонесува за забавување на инфлацијата, банкарскиот сектор е стабилен

Од:

Денарот и натаму е стабилен, а девизните резерви се на соодветното ниво. Монетарната политика којашто ја води Народната банка, како и намалувањето на притисоците од увезените цени, придонесоа за забавување на инфлацијата, за која се очекува дека и понатаму ќе се намалува. Нефункционалните кредити во билансите на банките и натаму се на ниско ниво, додека адекватноста на капиталот во банкарскиот сектор е солидна и стабилна. Ова се накусо дел од оцените на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, во рамките на извештајот во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед, соопштуваат од Народна банка.

Во извештајот се наведуваат очекувањата на Агенцијата за понатамошно одржување на стабилноста на девизниот курс, и покрај предизвиците од надворешното окружување. Воедно, истакнат е и растот на девизните резерви, коишто во јуни 2023 година изнесуваат 4,2 милијарди евра. Како фактори на растот се посочени и интервенциите на Народната банка на домашниот девизен пазар, како и користењето надворешни извори за финансирање на потребите на фискалната политика. Според очекувањата на „Стандард и Пурс“ девизните резерви и натаму се стабилни и ќе останат на потребното ниво.

По достигнувањето на максимумот кон крајот на минатата година, инфлацијата постепено почна да забавува и во јуни се сведе на 9,3%, се наведува од страна на „Стандард и Пурс“. Се очекува дека овој тренд ќе продолжи, како резултат на намалувањето на увозните инфлациски притисоци и затегнувањето на монетарната политика од страна на Народната банка, што е во согласност и со политиката којашто ја води Европската централна банка.

Во извештајот се увидуваат и тековните состојби во банкарскиот систем, со акцент на неговата сигурност и стабилност, што се согледува преку ниското ниво на нефункционалните кредити од само 2,8%, како и солидната и стабилна стапка на адекватноста на капиталот на банките од 18%. Воедно, се истакнуваат и мерките коишто ги презеде Народната банка заради поттикнување на штедењето во домашна валута и намалување на евроизацијата во финансискиот систем, преку промени на стапките на задолжителна резерва на банките.

______________

Би можело да ве интересира

Гувернерката ги прими стипендистите од ЕФА: Народната банка дава поддршка за развој на младите

Народната банка потпиша меморандум со Клубот Алпбах за унапредување на финансиската писменост

Годишен раст на зелените кредити од 26 отсто во првиот квартал од 2024 година

Народна банка предупредува за измами: Не давајте лични податоци на лица кои лажно се претставуваат

НБ: Основната каматна стапка останува 6,30%, економскиот раст и инфлацијата во рамки на очекуваното

Викторија Глигорова од Народната банка: Банкарскиот систем во нашата земја и натаму е сидро на стабилноста

A1on