ССМ: Вработувањето на определено време да трае најмногу една година

Од:

Без групирања и со оддржување на физичка дистанца како што налагат протоколите против Ковид-19, денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), го одбележа Денот на трудот – 1 Мај.

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, во својот говор пред членовите на сидникатот, изјави дека кризата само ја забрза потребата да се обезбедат приоритетите на работниците во државата, а тие синдикатите здружени во ССМ бараат на работниците да им се гарантира пристојна работа и место во општеството кое го заслужуваат со својот придонес и труд.

– Бараме донесување на нов закон за работни односи со европски стандарди кој ќе содржи договорите за вработување на определено време да се најмногу до една година, а истите автоматски да се трансформираат во договори на вработување на неопределено време по изминување на таа една година. Второ, породилно отсуство од 12 месеци. Трето, КОВИД -19 да биде професионално заболување платено со стопостотен надоместок по примерот на Синдикатот за здравство и Македонскиот полициски синдикат кои се здружени во ССМ, изјави Димовски.

Исто така до Владата упати барање да се укине членот од Законот за работни односи за контролен период кој овозможува работникот да работи прекувремено без престан, а за прекувремената работа да не биде платен.

– Петто, во компаниите со над 30 работници регулирање на работничките права со колективен договор, бидејќи само така може да се намали бројот на работници кои примаат минимална плата, а знаеме достигнаа до 100 илјади, бидејќи висината на платата треба да се уредува со колективен договор според стручната подготовка и сложеноста на работа. Шесто, зголемување на минималната плата која треба да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата. Седмо, пензионирање по повеќе основи – старосна пензија, пензија по години на стаж, како и предвремена пензија. Седмо, здрави и безбедни услови за нас работници. Осмо, подобар здравствен систем и здравствени услуги достојни за граѓаните и работникот, додаде Димовски.

Ирена Силјановска, претседателка на Секцијата на млади при ССМ, изјави дека дел од Дел од компликациите предизвикани од падемијата со Ковид-19 до прва ќе станат видливи.

– На овој ден повикуваме да се слушне и нашиот глас и бараме од сите релевантни чинители во општеството не само декларативни, туку реално да обезбедат поголема заштита на нашите работнички права и да обезбедат сигурни и безбедни работни места, поголема и социјална економска сигурност, како и инклузивност во процесот на креирање и имплементирање на младинските политики. Само така ќе го спречиме одливот на мозоци и младите својата перспектива ќе ја гледаат во својата држава, изјави Силјановска.

Таа додаде дека од почетокот на здравствената криза во март 2020 година, од вкупната бројка на лица кој остана без работа и екзистенција како резултат на кризата речиси 30 проценти од нив се млади лица под 29 години.

Би можело да ве интересира

ССМ најави протест на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Трендафилов: Владата во овој момент не е против зголемувањето на минималната плата

Горан Наумовски

Доколку не се зголеми минималната плата, ССМ најавува генерален штрајк

Горан Наумовски

Трендафилов: Да донесеме одлука пратениците да бидат на минимална плата до наредното зголемување

Горан Наумовски

Дали ви личи дека ми е гајле што мислите за мене, лидерот на ССМ со порака до власта

Катерина Ѓуровски

ССМ: На 2 април на улица ќе кажеме дека платите на работниците мора да се зголемат

А1он