Нацрт – верзијата на Законот за работни односи, постапката за склучување на нов Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како и потребата од склучување на нов Општ колективен договор за јавниот сектор се дел од прашањата за кои денеска на средба во Владата разговараа претставници на Сојузот на синдикати на Македонија и премиерот Зоран Заев со владини министри.
Средбата, како што информираа од ССМ, била на барање на синдикатот, а претседателот на ССМ Дарко Димовски ги образложил предлозите на синдикатот за зголемување на правата на работниците во Нацрт-верзијата на Законот за работни односи.
– Претседателот на ССМ и претседателите на синдикатите од јавен сектор ја истакнаа потребата од склучување на нов Општ колективен договор за јавниот сектор за што од Владата беше искажана подготвеност да отпочне процесот за преговори. На средбата од страна на претседателите на синдикати здружени во ССМ беа пренесени и ставовите и проблемите со кој се соочуваат синдикатите и беа предложени конкретни мерки за надминување на истите, велат од ССМ.
Оттаму додаваат дека двете страни заеднички констатирале дека има потреба од редовно одржување на меѓусебни средби на ова ниво со оглед на тоа што, како што се наведува во соопштението, вакви директни средби меѓу ССМ и Владата не биле одржани повеќе од 12 години.