Зоран Шапуриќ, министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија денеска оствари средба со шефот на делегацијата на Европска Унија, Самуел Жбогар, во Владата на Република Македонија.
Евроамбасадорот Жбогар изрази задоволство од силната посветеност на Владата, предводена од премиерот Зоран Заев, за интензивирање на процесите за приближување на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ и НАТО. Евроамбасадорот се интересираше за начинот и процедурите за усвојување на регулатива за подобрување на бизнис климата во земјата.
Министерот Шапуриќ, го запозна евроамбасадорот за определбата на Владата за донесување на прецизна регулатива за подобрување и стимулирање на домашните инвестиции во погони за производство на производи кои ќе бидат наменети за извоз и на еколошки поволни и напредни технологии, како и за определбата владата да обезбеди постепено изедначување на условите помеѓу домашните и странските инвеститори.
Министерот Шапуриќ нагласи изрази уверување дека следните извештаи на Европската Комисија ќе бидат многу попозитивни и дека сугестиите и препораките ќе бидат сериозно анализирани и ќе претставуваат патоказ во понатамошното превземање на мерки и активности.