Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, синоќа оствари редовна годишна работна средба со економските инвестициски промотори на Република Македонија кои се дел од Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот-„Инвест Македонија“ .
На средбата присуствуваа и министрите Миле Јанакиески, Љупчо Димовски, Ваљон Сарачини, Веле Самак, Бил Павлески, директорот на „Инвест Македонија“ Висар Фида и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Премиерот Груевски посочил дека со ангажманот на економските инвестициски промотори многу повеќе се зголемува можноста да се контактираат странски компании и да се претстават можностите за инвестирање во Македонија. Голем дел од странските инвестиции се токму резултат на огромните напори и работата на разгранетата мрежа на инвестициски промотори кои редовно контактираат со потенцијалните инвеститори и создаваат простор и услови за понатамошно продлабочување на односите со компаниите и преминување во повисоки фази од разговорите со владините претставници во насока на носење одлука за реализација на инвестиција во нашата земја. Досегашната работа на инвестициските промотори е од значење за овозможување на влез на капитал и отворање нови работни места.
На средбата, премиерот Груевски бил изворно информиран за тековните активности на вкупно 28-те инвестициски промотори, како и за текот на нивните разговори со потенцијалните инвеститори и со специфичностите со кои тие се соочуваат на глобално ниво.
Премиерот ја нагласил и важноста на задачата секој промотор да оствари што повеќе директни средби со бизнисмени кои се добра можност за изворно и непосредно да се презентираат поволностите и континуираните процеси и напори на Владата за подобрување на бизнис климата во државата.
Тој посочил дека на Македонија и се потребни сите инвеститори.
– Секој кој е подготвен да отвори едно работно место е добредојден кај нас и ние ќе направиме се да се реализира таа инвестиција. Нашата крајна цел е да отвориме што повеќе работни места, истакна премиерот Груевски пред промоторите.
Од страна на директорот на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот- Инвест Македонија Висар Фида е потенцирана важноста на владините роуд-шоуа на кои бизнисмени од најмоќните земји слушаат за Македонија посочувајќи дека тие даваат резултати, и во чија подготовка и организација значително учество имаат економските промотерите.
Од страна на сите економски промотори била истакната нивната посветеност кон извршувањето на значајната и одговорна позиција, и нивните планови за уште поголем активизам во насока на привлекување на странски инвеститори, за што во 2013 година постојат реални факти и претпоставки за носење на финални одлуки на потенцијални инвеститори за влез, отворање и реализација на бизнис во Република Македонија.