Гласот на Америка – Вашингтон
Своите потреби во струја Србија, горе-долу сама ги задоволува, увозот на нафта и нафтените деривати е слободен, а најслабата алка во српскиот енергетски ланец е гасот – тука Србија, како и цела Европа, речиси целосно е зависна од гасот од Русија и влезните точки на гасоводот од Унгарија.
Веројатно русофобите и русофилите во Србија никогаш нема да се согласат околу тоа дали продажбата на „Нафтената индустрија на Србија“ (НИС) беше добра или лоша работа.
Тие кои не ја сакаат Русија прашуваат зошто Србија, пропаднатата фирма ја даде за многу малку пари и тие многу мали резерви на нафта и гас. Русофилите, од друга страна, велат дека во моментот на продажбата, за српската нафтена компанија покрај „Гаспромњефт“, биле заинтересирани уште само две регионални компании, унгарската МОЛ и австриската ОМВ, кои и самите увезуваат суровини од Русија.
– ИНА, која во поранешна Југославија беше многу појака и понапредна од српската нафтена индустрија, сега е во подредена положба. Хрватска увезува не само енергенси, туку и деривати од соседна Унгарија, додека во српскиот нафтен и гасен сектор состојбата е многу подобра. Рафинериите не само што не се затворени, туку и капацитетите се проширени и модернизирани, вели аналитичарот Милош Здравковиќ.
– Колку што знаете тој аранжман за продажбата на НИС го почна Коштуница, но го доврши Тадиќ. Тадиќ сакаше да му го преземе тоа пријателство со Русија, вели новинарот Мијат Лакичевиќ.
Колку и да звучи неповолно, Србија нема доволно фосилни горива, а и тоа што го има им го предаде на Русите на управување. Србија увезува околу 30 отсто од своите потреби, што е за една петтина помалку од сумата која земјите на ЕУ ја трошат за увоз на енергенси. Енергетиката е една од ретките области во кои Србија и не стои толку лошо во однос на европскиот просек:
– Од вкупната енергија која треба да се увезе во Србија, околу 50 до 55 отсто оди на нафта и нафтени деривари, околу 28 отсто оди на увоз на гас, а преостанатите 16 до 17 отсто одат на увоз на квалитетен јаглен кој е потребен за индустријата, вели Слободан Ружиќ, директор на групата „Eнерџи Сејвинг“.
– Да се гооври дека Србија е зависна од рускиот гас, не држи, бидејќи преку Унгарија, Србија од европскиот гасовод може да купи и некој друг гас под услов секако да е поевтин, смета новинарката Јелица Путниковиќ.
Србија годишно за увоз на енергенси издвојува околу милијарда евра. Но, пријателските односи со Русија не гарантираат никакви привилегии во трговијата. Русија од секогаш и во времето на комунизмот и Студената војна, исто како и денес своите енергетски ресурси ги третира како пазарна категорија:
– Пријателство во енергетската политика не постои. Тоа Русија најдобро го демонстрира со својот однос кон најблискиот сојузник Белорусија. Реков, руската политика во децениите се менуваше, од извоз на идеологија до сегашниот извоз на економија, но константата е една. Русија беше и ќе биде сигурен извозник и производител на енергенси, вели Милош Здравковиќ.
Мешањето на политиката во економските интереси обично доведува до полоши позиции макар на еден од актерите во играта. Како пример, може да послужи и напуштениот проект за гасоводот „Јужен поток“, низ кој рускиот гас требаше да оди преку Србија и Бугарија до Европа. Иако од српските политичари се оценуваше како судбоносен, од проектот се откажаа поради украинската криза и влошените руско-европски односи.
– „Јужен поток“ не беше проект кој значајно ќе беше поврзан за Србија. Тоа е проект на односите на ЕУ и Русија. Тој само требаше да минува преку територијата на Србија. Нашиот сегашен гасоводен систем е неискористен. Ние имаме капацитети многу поголеми од што се нашите потреби. Нашиот проблем е што имаме една точка на увоз на гас од Унгарија. Немаме друга точка, истакна Ружиќ.
Од вкупната енергија која годишно се троши во Србија, осум отсто отпаѓа на гас. Од војводинските извори се обезбедуваат само 20 отсто од потребите на земјата, а останатите 80 отсто гас е од Русија, а стигнува преку Унгарија:
– Изградбата на гасоводот „Ниш-Димитровград“, според мое мислење, е приоритетен инвестициски проект во секторот на природен гас. Тој ќе ни овозможи да добиеме и друг правец во снабдувањето на гасот, додава Ружиќ.
– Да потсетам дека неодамна претседателот на Русија Владимир Путин беше во Будимпешта и дека Унгарците тука беа многу расположени, бидејќи се членка на ЕУ, да го обезбедат за себе кој било транзит, дали од „Турскиот поток“ или од „Северниот поток“, повторно со руски гас, а не со некој трет. Бидејќи, за жал, втор или трет гас освен овој кој сега стигнува во Европа и нема. вели Јелица Путниковиќ.
Западот ја обвинува Русија дека гасот го користи како средство за политичко влијание врз земјите, кои како Србија, целосно се енергетски зависни од тој руски сегмент. Ни Европа нема посериозна алтернатива за рускиот гас, а на Србија единствено и останува мерката за својата зависност од рускиот гас никако да не ја става на политички кантар.