Премиерот Зоран Заев одржа онлајн средба со шефицата на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле и економисти на ММФ во Вашингтон, како дел од редовните годишни консултации со цел информирање за економските изгледи, фискалната и монетарната политика како и финансиската стабилност во земјава.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на состанокот потенцирал дека соработката со ММФ е значително важна од повеќе аспекти, меѓу кои и мониторингот на економските перформанси на нашата земја.
Од ММФ оцениле дека реализација и вложувања во капиталните инвестиции во следниот период можат да помогнат за зголемување на потенцијалот за раст на економијата, со препорака во услови на КОВИД-19 да се продолжи со поддршка на здравствениот систем како приоритет, како што впрочем е предвидено и во предлог Буџетот за 2021 година.
-Премиерот Заев рече дека моменталната криза е можност за системски реформи и согласно трендовите, трансформација кон новата развојна економија со фокус на дигитализација, енергетика и обновливи извори на енергија, како и создавање на предвидлив и поволен деловен амбиент за нови инвестиции. За таа цел покрај справување со пандемијата се прават планови на среден и долг рок за реализација на економските политики, со цел реалниот сектор да може да планира инвестициска активност. Беше нагласена и важноста од координирана акција за справување со неформалната економија која прави штети на буџетот на државата и регистрираните деловни субјекти, се вели во соопштението од Владата.
Како што било истакнато на состанокот, и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните економски реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст.
На состанокот било посочено дека последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но, оти се ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Било заклучено дека е потребно да се продолжи со постојано следење на состојбите, приспособување на политиките и преземање навремени мерки согласно моменталната состојба за ублажување на ефектите.
Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ, било нагласено и дека од голема важност е финансиската стабилност. Во таа насока, банкарскиот сектор, којшто е носечки столб на финансискиот систем, е стабилен и значаен за поддршката за економијата и во натамошниот период на ревитализација.