Генералната директорка на Меѓународниот монетране фонд (ММФ), Кристалина Георгиева и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска оддржаа онлајн состанок, кој Георгиева на својот Твитер го оцени како продуктивен.
– Продуктивен разговор со гувернерката на Народната банка на Северна Македонија, Ангеловска Бежоска. Народната банка игра витална улога за ублажување на влијанието на кризата и обезбедување на економска и финансиска стабилност. Нејзината професионалност и независност се суштински, напиша таа.
Од Народната банка соопштија дека на состанокот одржан вчера Георгиева истакнала дека Народната банка има витална улога во ублажувањето на влијанието на кризата и обезбедувањето економска и финансиска стабилност.
– Вашата професионалност и независност се од клучно значење, рече таа на состанокот со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
На состанокот, како што соопшти денеска Народната банка, е нагласена важноста на силните и кредибилни институции, особено во услови на криза, кога треба да сторат сѐ што е потребно за зачувување на довербата и поддршка на домаќинствата и компаниите. Исто така, беше истакнато дека професионалноста и независноста на централната банка се клучни предуслови за исполнување на нејзиниот мандат, вклучително и за обезбедувањето на целокупната стабилност на финансискиот систем.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска ги нагласи поддршката и партнерството од страна на ММФ низ годините. – За нас е особено важно што имаме меѓународен партнер со силен интегритет, професионализам и стручност, којшто постојано вложува во подобрувањето на нашите капацитети и ни помага во зацврстувањето на нашата улога во општеството, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Во однос на тековната здравствена криза, Георгиева и Ангеловска-Бежоска разговараа за неизвесноста и предизвиците за носителите на политики во периодот што доаѓа. На состанокот беше истакнато дека на глобално ниво е потребна будност и претпазливост во овие околности и заради неизвесноста околу времетраењето и последиците од пандемијата. Ова, стои во соопштението, се однесува и на политиките на финансискиот сектор, во коишто треба да има мерки за зајакнување на отпорноста на финансискиот систем. Во тој контекст е посочено на неопходноста од претпазливост во политиките за распределба на дивиденда, како важен чекор во градењето на капацитетот на системот, сѐ додека не започне процес на одржливо закрепнување.
На состанокот е заклучено дека ММФ и Народната банка ќе продолжат со интензивната соработка, поддржувајќи ги напорите во создавањето придобивки за економијата и општеството и штитејќи го јавниот интерес. Во овој поглед, доброволното учество на Народната банка во пилот-оценувањето на усогласеноста со Кодексот на ММФ за транспарентност на централните банки е оценето како важен дополнителен влог за зајакнување на транспарентноста и интегритетот на институцијата.