Во текот на 2020 година странци кон домашни е-трговци реализирале вкупно 297.863 онлајн трансакции со вкупна вредност од 10,8 милиони евра, наспроти 170.390 онлајн трансакции со вкупна вредност од 6,8 милиони евра во 2019 година, што претставува раст од 74,8 отсто во бројот и раст од 58,8 проценти во вредноста на трансакциите.
Ова го покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија согласно објавените податоци од Народната Банка за бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со странски платежни картички кон домашни е-трговци во текот на 2020 година.
Од Асоцијацијата за е-трговија велат дека зголемената понуда на производи и услуги онлајн, имајќи предвид дека само во 2020 година беа отворени 439 нови е-продавници, влијаеше позитивно на растот на бројот и обемот на онлајн трансакции, направени од страна на иматели на странски платежни картички кон македонски е-продавници.
Од вкупниот износ во вредност од 10,8 милиони евра кои странците во текот на 2020 година го потрошиле онлајн за купување во Македонија, половината, односно 50,7 отсто од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на ТОП 10 земји – САД, Обединето Кралство, Швајцарија, Бугарија, Германија, Турцја, Австралија, Шведска, Канада и Италија.
Од аспект на бројот на онлајн трансакции направени со странски платежни картички во Македонија, 45,1 проценти од трансакциите завршиле во корист на ТОП 10 земјите, а листата ја предводи САД, Обединетото Кралство, Швајцарија, потоа следат Бугарија, Германија, Шведска, Италија, Турција, Австралија и Србија.
– Најголем број на трансакции со странски платежни картички (50.406 трансакции) се реализирани со картички кои се издадени во САД, а потоа следи Обединетото Кралство со реализирани 32.296 онлајн трансакции. Дел од ова веројатно се должи на картичките од брендот „Payoneer“ и „Revolut“ од САД и Обединето Кралство кои воедно се користат од лица од земјава, особено лица од ИТ секторот кои работат „freelance’ за странски фирми и по тој основ остваруваат приходи кои им се исплаќаат на овие картички, кои може да ги користат и за домашни трансакции, стои во соопштението.
Забележително е дека од останатите земји од каде што има најголем број на трансакции доминантни се оние земји каде, како што посочуваат, има голем број на иселеници, како Швајцарија, Германија, Шведска, Италија и Австралија кои ги користат своите платежни картички за да купуваат онлајн од е-продавници од Македонија. Од соседните земји, Бугарија и Србија се дел од ТОП 10 земји кои пазаруваат онлаjн во Македонија.
Од аспект на просечната вредност на трансакциите, имателите на платежни картички во САД во просек плаќале производи и услуги на износ од 2.451,00 денар, имателите на картички од Обединето Кралство плаќале просечно по 2.382,00 денари додека картички од Швајцарија просечно трошеле онлајн во Македонија 2.528,00 денари, наведуваат од Асоцијацијата за е-трговија.