Со средства од ЕУ ќе се зајакнува капацитетот на НБРМ

Од:

Зголемување на капацитетот на Народната банка на Република Македонија и нејзино приспособување на европските стандарди, е целта на Проектот за анализа на потребите за пристапување во евросистемот и првиот состанок на Управниот комитет за Проектот, што беше денеска промовиран во Скопје.

– Имајќи ја предвид стратешката определба на Македонија за членство во ЕУ, пред неколку години, НБРМ го иницира овој проект за соработка со Европската централна банка со цел да се утврдат неопходните промени во националната регулатива, организацијата и човечките ресурси во НБРМ потребни за постигнување на стандардите за работа на централните банки од ЕУ. Со остварувањето на Проектот, како и со последователниот проект за спроведување на препораките што ќе произлезат од овој проект, што се надевам ќе се случи, би се овозможило НБРМ полесно и ефикасно да го спроведе процесот на приклучување во Европскиот систем на централни банки, а подоцна и во Евросистемот, штом Република Македонија ќе ги исполни критериумите за пристапување во ЕУ, рече гувернерот на НБРМ Димитар Богов по денешниот прв состанок на Управниот комитет за Проектот.

Комитетот денеска ги усвои одредниците во сите планирани области од првата фаза, која, според Богов, успешно заврши. Таа се одвиваше во изминатите три месеци во кои експерти од Европската централна банка и националните централни банки вклучени во Проектот, во соработка со експерти од Народната банка спроведоа активности за поставување одредници за работењето на Банката според европските стандарди за работа и најдобри практики во областа на монетарната политика и политиката на девизниот курс, економска анализа и истражување, статистика, платни системи, банкноти, сметководство, правни услуги, внатрешна ревизија, информатичка технологија и човечки ресурси.

Во наредниот период експертите треба да ги проценат состојбите во правната рамка и практиката во работењето на НБРМ во овие области и да ги утврдат „јазовите“ во однос на договорените одредници. Препораките што ќе се добијат во вид на извештај во третата и последна фаза ќе претставуваат основа за поставувањето на стратешките насоки за јакнење на институционалниот капацитет на НБРМ во наредниот период.

– Спроведувањето на европските стандарди и најдобри практики во работењето на Народната банка е од особено значење, бидејќи не само што ќе го овозможи процесот на пристапување на Народната банка во ЕСЦБ, ќе придонесе и за обезбедување на ценовната стабилност и стабилноста и ефикасноста на финансискиот систем во земјата, воопшто, што е и предуслов за членство во ЕУ, истакна гувернерот Богов.

Според евроабасадорот Аиво Орав проектот ја покажува заедничката посветеност да се поддржуваат земјите кои се со кандидатски статус. Нашиот систем, посочи, не е насочен само кон себе, туку е инструмент преку кој се одржува макроекономската и финансиската стабилност. Потенцира дека ова е особено значајно во услови на криза како во последните години.

Проектот го координира Европската централна банка, а се спроведува во партнерство со централните банки на десет земји од еврозоната.

Директорот на Генералниот директорат за меѓународни и европски односи при Европската централна банка, Френк Мос, истакна дека веруваат оти клучни фактори за успех на нивните проекти за техничка соработка се базираат на фактот дека имаат јасни цели што се поставени заедно со корисникот на проектот и дека тој е имплементарен од страна на експерти од ЕЦБ и од националните централни банки кои секојдневно работат на одредените области од централно-банкарското работење. – Потпирањето на експерти кои секојдневно работат на одредените области од централно-банкарското работење во моментов претставуваат предизвик. Се разбира, ова време на економски и финансиски предизвици додаде работен притисок врз вработените во сите наши централни банки и фактот дека успеавме да ја вклучиме ЕЦБ и 11 други централни банки во овој проект го докажува интересот што сите го имаме за вашата земја и регионот, рече Мос.

Осврнувајќи се на некои заеднички политички предизвици со кои се соочуваме во периодот што претстои, посочи дека поголемиот дел од економиите во ЈИЕ треба да го сменат фокусот од домашните кон надворешните генератори на раст, што важи и за некои економии во еврозоната. Земјите со де јуре или де факто фиксен режим на девизен курс, како и земји во рамките на монетарната унија кои имаат заедничка валута, треба да ја зголемат флексибилноста на нивната работна сила и пазари на производи и генерално да се приспособат во смисла на структурната политика, со цел да го зголемат аутпутот и порастот на вработеноста во нивните земји, како и отпорноста на шокови во иднина. Земји кои се потпираат на надворешно финансирање, дали во овој регион или во еврозоната, треба да спроведуваат политики кои спречуваат развивање прекумерни надворешни нерамнотежи и ескалација на нивоата на приватен или јавен долг. Сите земји треба да се фокусираат на решавање на ризиците за нивната финансиска стабилност и сите земји имаат потреба од безбедносна мрежа за справување со вонредни ситуации.

– Но, ние не само што споделуваме заеднички предизвици во политиките, туку делиме историско минато, а имаме и заедничка иднина. Проектот што го презентираме денеска, покрај тоа што ќе даде техничко знаење и препораки ќе ги зајакне врските меѓу централните банки на ЕУ и вашата централна банка, рече Мос.

Проектот е одобрен на 15 октомври 2012 година. Вредноста е 450 илјади евра од кои 405 илјади се од ИПА фондовите на ЕУ. Проектот ќе се одвива девет месеци. 

 

Би можело да ве интересира

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити

Економскиот раст годинава 2,3%, инфлацијата 3,5% проектира Народна банка

Состанок со Одделот за статистика на ММФ: Народната банка бележи континуиран прогрес во областа на статистиката

Средби со ММФ: Народната банка придонесува за успешно одржување на макроекономската стабилност

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка