Надзорниот одбор на ПСА одобри договор за спојување со Фиат Крајслер, отворајќи пат за формирање европска автомобилска мегакомпанија, јавија западни медиуми повикувајќи се на извори. Засега нема коментар од ПСА за наводите на медиумите во Париз.
Новиот бизнис субјект, со повеќе од 400.000 вработени, станува четврти по големина во секторот, со 8,7 милиони возила продадени под марките „Фиат“, „Алфа Ромео“, „Крајслер“, „Ситроен“, „Доџ“, „ДС“, „Џип“, „Ланчија“, „Масерати“, „Опел“, „Пежо“ и „Воксхол“.
Таа одлука доаѓа еден ден откако „бракот“ беше одобрен од семејството Пежо.
Двата производитела на автомобили објавија на 31 октомври дека едногласно се согласиле за принципот на спојување во кој акционерите на двете групи би поделиле капитал од 50/50 по разни финансиски операции за да формираат нова светска мега-фирма за автомобили без да ги затворат постојните.
Соединувањето на ПСА и на ФЦА ќе овозможи десетици милијарди евра инвестиции потребни за развој на електрични и автономни автомобили.
Новиот бизнис субјект ќе биде со седиште во Холандија.
ПСА и ФЦА проценија дека ќе заштедат 3,7 милијарди евра со спојување во една компанија со консолидиран промет проценет на 170 милијарди евра.