Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), бара од надлежните институции за претстојните парламентарни избори да ги преземат сите мерки на заштита за вработените од Државната изборна комисија (ДИК) и вработените административни службеници кои како членови на избирачките комисии и избирачките одбори ќе бидат вклучени во изборите.
-Имајќи ја предвид секојдневната растечка бројка на заразени од вирусот Ковид-19, не можеме да не бидеме загрижени од опасноста, голем број вработени во државната администрација да бидат изложени на опасност од зараза од вирусот Ковид-19, бидејќи 2.700-те избирачки места обично се училници, канцеларии во општини или месни заедници кои по квадратура не се соодветни за одржување избори во време на пандемија, се наведува во соопштението од Синдикат на УПОЗ.
Ова, како што посочуваат од УПОЗ, особено ако се земе предвид фактот дека секој избирачки одбор е составен од пет члена, кои имаат свои заменици, а на изборите ќе се појават 14 коалиции со свои посматрачи. Така, може да се случи, во една просторија со површина околу 20 метри квадратни, во исто време да бидат присутни 20 лица.
-Членовите на избирачките одбори и избирачките комисии кои се избираат по случаен избор од вработените во администрацијата и јавниот сектор, согласно Законот за административните службеници (ЗАС) се должни да учествуваат во спроведување на изборната постапка, а може да не ја прифатат должноста само од здравствени или семејни причини за што треба да достават писмен доказ, велат од УПОЗ.
Поради ова, Синдикатот на УПОЗ бара хронично болните и вработените кои се родители на деца под 10 години да бидат изземени од должноста за учество и спроведување на изборната постапка. Исто така, бараат членовите на избирачките одбори и посматрачите во избирачките места да се ротираат и за истите да биде обезбедена заштитна опрема и заштитни средства, како и да се почитуваат сите протоколи за безбедно растојание од минимум два метра во секое избирачко место.
-Со оглед на тоа што ДИК до сега до своите вработени во подрачните одделенија нема испратено никакви напатствија за тоа како вработените во ДИК и членовите на избирачките комисии и одбори да го заштитат своето здравје, а од почетокот на кризата до сега на вработените сè уште не им се обезбедени маски и средства за дезинфекција согласно препораките од Владата, бараме итно да се преземат мерки и активности за заштита на здравјето и безбедноста на овие вработени, се наведува во соопштението.
Иако политичките партии се сретнаа неколку пати и се договараа за датумот на изборите, како што велат од УПОЗ, ниту една политичка партија се чини не размислувала за вработените кои ќе ги спроведуваат изборите, ниту, пак, каква заштита би добиле вработените кои со своето учество во изборите би се заразиле од вирусот Ковид-19.
-Поради тоа бараме, доколку вработените кои ќе учествуваат во изборниот процес се заразат од вирусот Ковид-19, да имаат право на исплата на 100 отсто од боледувањето, Државната изборна комисија да издвои поголеми средства за хонорари за избирачките комисии и избирачките одбори поради високиот ризик од зараза и сите вработени кои учествувале во изборите наредниот ден да бидат ослободени од работните обврски, стои во соопштението од Синдикатот на УПОЗ.