Штети кај лозовите насади, овошките и оревот поради ниските температури

Од:

Студеното време со ниски утрински температури под нулата што ја зафати Македонија може да предизвика големи штети кај земјоделските култури, особено кај лозовите насади, овошките и оревот.

Управата за хидрометеролошки работи соопшти дека штети се очекуваат скоро во целата држава, со исклучок на Гевгелискиот и Дојранскиот регион кои не беа зафатени со студениот бран. Оштетувања може да има и кај коскестите видови како праската која покасно цвета или кај оние видови кои имаат плодови што се во фенолошка фаза – пораст на плодот. Ова, особено важи за Беровскиот регион, кој во текот на вчерашниот и денешниот ден беше зафатен со вакви температури.

Од Управата за хидрометеролошки работи посочуваат дека во овој период виновата лоза се наоѓа во фаза на појава на ластари и почеток на појава на гроздови, така што температури околу -0,6 или -1 степен може да предизвикаат сериозни оштетувања.

Штети се очекуваат и во овоштарството, особено кај јаболчестите видови кои вообичаено цветаат во овој период и отпочнуваат со фазите на формирање на плод и развој. Големи штети се очекуваат во Преспанскиот регион поради мразот којшто е забележан вчера и утринава.

– Покрај минималните температури на воздухот забележани утрово кои се во центарот на вниманието во овој период, подеднакво важни се и местоположбата на насадот, експозицијата на теренот, почвените типови, надморската височина и можеби најважно е времетраењето на периодот со такви температури и сл. така што и штетите би зависеле од сите овие параметри, со што на одредени места истите можат да предизвикаат само проретчување на родот што е најповолната варијанта, велат од УХРМ.

Можни оштетувања не се исклучени и во тутунопроизводството кај одгледувањето на расадот, во градинарството на отворено и слично, додека со наврнатите над 25 литри на метар квадратен, житните култури во овој период добиле вода која им е неопходна за нормалено продолжување на вегетацијата, но во овој момент не ја решава кризата со вода, туку само ја санира за одреден период.

– Според агрометеоролошките согледувања и искуствата се покажува дека констатирањето на штетите од измрзнувања целосно не се воочуваат непосредно после појава на мразот, туку според досегашната пракса потребно е време од околу 24 до 42 часа, и тоа после стабилизацијата на времето, дневното затоплување и реакцијата на културите. Можни се констатирања на штети од мраз непосредно по појавата доколку истиот бил подолготраен и многу интензивен, велат од УХРМ.

Од климатолошки аспект, моменталните временски состојби не се единствени забележани досега бидејќи вакви температури имало и многу покасно во пролет. Според податоците со кои располага УХРМ, во Берово имало мраз и во јуни, додека поголем дел од регионите ги зафаќал мраз и во мај, најчесто во првата половина од месецот.

Најниски негативни температури во текот на април забележани се во Штип, Виница, Демир Капија, Скопје Зајчев рид и во Гевгелија и тоа од последните 10 години се случило на два датуми – на 8 и 9 април 2003 година која се јавува како најладна година во април. Интензитетот на тој мраз бил и поголем од оној којшто сега е забележан, но тој се јавил и 15 дена порано.

Би можело да ве интересира

Исплатени субвенциите за лозарите

Ана Ололовска

Македонските јаболка најпогодени од руските санкции, неизвесен извозот и на праската и црешата

Ана Ололовска

Ковачевски: Годинава постигнавме договор за 30% зголемени откупни цени на грозјето

Горан Наумовски

Ковачевски: Постигнато историско зголемување на откупната цена за грозјето од 30%, земјоделството е приоритет во време на криза

Ана Ололовска

Расте откупната цена на грозјето, годинава за 30% повисоки цени за вранецот и смедеревката

Ана Ололовска

Николовски: Историска поддршка за малите винарии, прифатено 61 барање за грантот до 10.000 евра

Ана Ололовска