По повод Европската недела на претприемништво Министерот Зоран Шапуриќ се обрати на јавен настан во ЕУ инфо центарот организиран од Агенцијата за подршка на претприемништвото во Република Македонија.
На овој настан се презентираше проектот „Воспоставување и промоција на менторските услуги за мали и средни претпријатија во Западен Балкан – Фаза 2“, поддржан од Јапонската Агенција за Меѓународна Соработка – JICA.
„Доколку малите и средни претпријатија сакаат да останат конкурентни и играат позначајна улога како на внатрешниот така и на меѓународниот пазар тие мора постојано да се надградуваат, растат, го зголемуваат бројот на вработени, го зголемуваат својот опсег на производи и услуги, пазарите, а со тоа остваруваат и поголем профит.
Домашните компаниии долго време неоправдано беа ставени во втор план и оваа Влада има намера да го промени тоа, затоа што малите и средните претпријатија се главниот крвотек на македонската економија.
Привилегиите за странските инвеститори да бидат достапни и за домашните. Бизнис климата во земјава ќе се подобрува преку измени во регулативата со што домашните компании ќе имаат повеќе можности за инвестирање“, истакна министерот Шапуриќ.
Самиот проект ќе започне со спроведување на базично истражување кое ќе овозможи разбирање на состојбата во малите и средните претпријатија, но и тековните политики за нивна промоција и развој.
Овие информации ќе бидат основа за дизајнирање на системот на менторски услуги во Македонија инволвирајќи ја постојната институционална инфраструктура за поддршка на малите и средни претпријатија на локално ниво. На тој начин ќе се надградат нивните капацитети за испорака на стандардизирани услуги кон мали и средни претпријатија, што дополнително ќе придонесе кон нивната самоодржливост.
Имплементацијата на активностите ќе резултира со воспоставување на одржлив менторинг систем и тренинг систем за ментори (теоретски и практичен тренинг), што подразбира стратегија/план, водич за имплементација на менторинг, тренинг курикулуми, метод за евалуација на менторите, тренинг во Јапонија, промоција на системот во Македонија и друго.