Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска при денешната посетата на Крушево ги повика граѓаните да се вклучат и да ги искористат активните мерки од Оперативниот план, со цел да се намали невработеноста на сметка на зголемување на активноста на пазарот на трудот. При увидот во имплементацијата на програмата за Економска грижа од Оперативниот план преку која се спроведува мерката Општинско корисна работа, министерката ги посети Дневниот центар за деца и младинци со посебни потреби и 76 годишната Соња Рунеска. Во Крушево преку мерките Обука и вработување на лица кои ќе се грижат за лицата со попреченост и лица со хронични болести во заедницата и Поддршка на претприемништво и формирање на правни субјекти даватели на услуги за грижа на заедницата, вработени се 13 лица кои испорачуваат грижа за вкупно 58 корисници.
„При посетата на домот на 76 годишната госпоѓа Соња Рунеска, која сама живее 11 години и страда од многу болести, се уверив дека помошта која ја добива од негувателката Љубица Стојческа е клучна за олеснување на нејзиното секојдневие. Стојческа ѝ помага при обезбедувањето на основните животни активности како што се набавка на храна и лекови, плаќање на сметки, во зимскиот период ѝ помага да обезбеди огрев и да го исчисти снегот, а по барање на корисникот готви и посредува за поправки во домот. Негувателката ѝ помага во разубавување на едноличното секојдневие и подигање на духот“, рече Шахпаска.
Министерката потенцираше дека Крушево е една од четириесет и шесте општини кои во 2021 и 2022 година кои ќе реализираат услуги на локално ниво. За спроведување на овие мерки ангажирани се 550 невработени лица кои испорачуваат социјални услуги за околу 8.500 крајни корисници од различни ранливи категории.
„Со сите овие мерки ние како Министерството за труд и социјална политика освен што обезбедивме услуги и грижа на оние на кои им е најпотребна, на болните и изнемоштени лица, обезбедивме и вработување на тешко вработливите граѓани, а оние кои имаат желба да станат претприемачи, финансиски ги помогнавме. Министерството за труд и социјална политика будно го следи реализирањето на овие активни мерки кои секако ќе бидат дел и од новиот Оперативен план за 2022 година. Министерството за труд и социјална политика будно го следи реализирањето на овие активни мерки кои секако ќе бидат дел и од новиот Оперативен план за 2022 година. Ги повикувам и останатите општини и граѓани да се вклучат и да ги искористат активните мерки од Оперативниот план, а со тоа да ја намалиме невработеноста и да ја зголемиме активноста на пазарот на трудот“, рече министерката Шахпаска.
При посетата на Крушево министерката Шахпаска го посети и Дневниот центар за деца и младинци со посебни потреби при што нагласи дека во Центарот има одлични услови и соодветна грижа која е обезбедена за шест дечиња, кои во моментов го посетуваат. За нив се грижат дефектолог, воспитувач, медицинска сестра и техничко лице.
Со мерката Поддршка на претприемништво и формирање на правни субјекти даватели на услуги за грижа на заедницата, на граѓаните кои се заинтересирани за започнување на свој сопствен бизнис овозможена е парична помош во висина од 5.000 евра за едно лице или 10.000 евра за два содружника.
Министерката Шахпаска оствари средба и со градоначалникот на Крушево Томе Христоски, при која меѓу другото беше потенцирана и хуманоста на крушевчани бидејќи има 26 згрижувачки семејства кои се грижат за 36 деца.