СГИП и Здружение на градежништво: Скоро две милјарди евра ќе се одлеат на странски компании, домашниот сектор е пред затворање

Од:

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) и Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Северна Македонија бараат итна средба во Владата, бидејќи, како што велат, состојбата во градежништвото е алармантна – домашните компании се соочуваат со потешкотии во работењето затоа што големите инфраструктурни проекти ги добиваат странски компании, а голем е и одливот на градежни работници.

Според СГИП и Здружението на градежништво, речиси две милијарди евра ќе се одлеат на странски градежни компании и ќе се дадат на странски работници, наспроти 80 милиони евра за домашните компании и домашните работници.

– Процентите се застрашувачки, бидејќи 96 проценти од вкупните пари што ги плаќаме ние и граѓаните ќе одат во странски фирми и за странски работници, наспроти домашните компании кои се пред ставање клуч на врата, истакна претседателот на СГИП, Иван Петрушевски на денешната заедничка прес-конференција со Здружението на градежништво при Стопанската комора.

Најновиот договор потпишан со конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој треба да гради четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, според СГИП и Здружението на градежништво, е безобразен, бидејќи се даваат 1,3 милијарди евра само за изградба, без направен проект и експропријација.

– Во Владата пред два дена се склучи, така да кажам, безобразен договор каде 1,3 милијарди евра на ненаправен проект и непресметана експропријација, се даваат на странска компанија „Бехтел и Енка“, која пред една година падна на Уставен суд поради тоа што сакаше вработените да работат во просек по 60 часа неделно. Тоа значи дека државата е расположена да дава средства и да ги прекршува законите кои ги носи, да не ги почитува меѓународните конвенции на Меѓународната организација на трудот, како што е Конвенцијата 94 која укажува дека 51 процент од домашниот пазар, сметајќи вработени, проектирање и изведба, треба да биде на домашните компании, посочи Петрушевски.

Синдикатот и Здружението немаат конкретни информации за договорот што е потпишан со „Бехтел и Енка“, но се сомневаат дека ќе бидат ангажирани домашни компании во проектот, имајќи ги предвид искуствата како оваа компанија работела во други држави.

– Договарање во четири очи, договарање во услови каде што домашните компании не се конкурентни, не е пример за изградба на сектор кој би имал успех. Доволно е само во околината да погледнете, а и во сите други европски држави, да сфатите дека нема голема компанија без голема поддршка од државата, нема голема компанија без примена на домашни ресурси и домашни работници, така што како компании сме запрепастени ниеден од новите јавни набавки што ги финансира ЕУ, ЕБРД, Светска банка, да не ги задоволуваме условите, а во исто време во странство задоволуваме услови да настапиме сами, потенцира Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво.

Доколку не наидат на слух кај Владата за овој проблем, од СГИП и Здружението на градежништво најавуваат дека ќе ги информираат Европската и Светската федерација за градежништво.

Официјалните статистички податоци покажуваат дека во последните пет години бројот на градежни работници е паднат под 50 илјади, односно за само една година е намален за околу 12.000 работници.

Би можело да ве интересира

Во февруари издадени 352 одобренија за градба

Ана Ололовска

Бочварски – Трајковски: Градиме преку 850 социјални станови низ државата

А1он

Бочварски: Браната Отиња се гради според предвиденото темпо

Ана Ололовска

Градежништвото чека антикризни мерки, недвижностите атрактивни и во ковид пандемија

Ана Ололовска

Градежниците бараат намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто за увоз на поскапените градежни материјали

А1он

Серафимовски: Се надевам дека ќе се даде препорака градежништвото да работи и во недела

А1он