Блумберг – Њујорк
По речиси пет години негативни каматни стапки, данските домаќинства се побогати од кога било досега, доколку се суди според податокот дека заштедата на граѓаните во Данска лани во декември достигна рекордно ниво.
Со вишокот пари со кои не знаат што да прават, Данците ги „клукаат” своите банки кои се преполни со штедни сметки, па така земјата која го држи светскиот рекорд по негативни камати, сега исто така има и рекордна банкарска заштеда.
Според податоците на Данската централна банка, износот на заштедите на банкарските сметки во Данска пораснал на 812,3 милијарди круни, односно 117,1 милијарди долари, што според проценката на банката „Никредит” е највисоко ниво во 16 години, кога првпат била направена таа статистика.
Тоа е рекорден износ и кога бројките ќе се прилагодат за инфлација и сезонски ефекти.
Данците имаа „импресивен раст на реалните плати”, изјави во телефонска изјава за „Блумберг” главниот економист на „Нукредит“, Торе Страмер.
Негативните камати (референтната каматна стапка на депозитите е минус 0,65 отсто) коинцидираа со трајниот раст на вработеноста и што е уште поважно, со растот на пазарот на недвижности, изјави тој, додавајќи дека банките се воздржале од воведување на негативни камати за граѓаните.
Страмер проценува дека, кога вкупниот износ на заштедите ќе се подели по жител, секој маж, жена, дете и новороденче во Данска во просек имаат заштедено по 21.000 долари.
– Имаме таков ветер во грб кај приходите на домаќинствата, што Данците истовремено можат и да ја зголемат потрошувачката, да ги намалат долговите и да го зголемат своето богатство, истакна тој.
Постојат сигнали дека, охрабрени со рекордното ниво на богатство, Данците почнаа да го намалуваат бруто долгот кон расположливите приходи, кој е најголем меѓу богатите земји на светот.
Првпат од 2009 година, уделот на сопственици на куќи кои отплаќаат главнини на своите хипотекарни кредити го надминува уделот на тие кои ги отплаќаат кредитите кои се сведуваат само камата.