Во најтешките месеци на пандемијата на Ковид-19, од март до мај, хуманитарната организација на италијанската католичка црква Каритас им помогнала на речиси 450.000 луѓе, а за разлика од периодот пред коронавирусот, кога повеќето биле странци, сега оние кои бараат помош, дури 61 отсто, се Италијанци.
Од вкупниот број, 34 проценти се „нови сиромашни“, односно лица кои првпат бараат помош.
Според податоците на анкетата која е спроведена од 1 до 27 јуни, луѓето се повеќе бараат помош да најдат работа, да им се помогне да платат кирија или рата за станбен кредит, родителите бараат помош за децата на училишна возраст, за лекување и лекови.
Евиденцијата на италијанскиот Каритас покажува дека во време на пандемијата луѓето најмногу барале храна, но сега имаат потреба од наоѓање работа.
Каритас Интернешналс е конфедерација на 165 католички организации за помош, развој и социјални услуги, кои работат во над 200 земји и територии низ светот.