Самит 100: Економско поврзување и стабилноста клучни за развој на Западен Балкан

Од:

Преку економско и транспортно поврзување, но и со политичко и безбедносно интегрирање и стабилност регионот на Западен Балкан ќе ја унапреди соработката и ќе се развие. Неопходни се големи инфраструктурни проекти со кои ќе се обезбеди побрз проток на луѓе и стоки, како и прилагодување кон предизвиците од дигитализацијата од страна на компаниите.

Тоа се дел од пораките упатени на отворањето на 6. Регионален бизнис Самит 100 на лидери од ЈИЕ, што се одржува во Скопје.

Еврокомесарката за транспорт Виолета Булц посочи дека од клучно значење за регионот е неговата интеграција во Европската унија.

– Пред една и пол година ќе бев многу претпазлива, но денеска сметам дека дуваат позитивни ветришта во едрата на ЕУ. Се надевам дека тоа ќе ви даде сила да продолжите со реформите и да ги искористите ветровите со чиста енергија, а не со ѕидишта, рече Булц.

Таа порача дека ЕУ е надвор од кризата и сите земји имаат позитивен бруто домашен производ, а во последните девет години невработеноста оди во надолна линија.

– Се надевам дека тоа ќе го искористите во ваша полза, рече Булц и додаде дека можноста за идно членство на Западен Балкан во ЕУ е многу поголема сега отколку пред 10 години.

Нагласи дека неодамна потпишаниот договор за транспортна заедница и за трговија и соработка е резултат на стабилноста и предвидливоста на регионот. Препорача регионот да учи на грешките на ЕУ и додаде дека дигитализацијата е двигател на промените.

– Од дигитализацијата Западен Балкан може да има голема корист во областа на транспортот и за 60 отсто да ја намали администрацијата, посочи Булц и препорача сите земји од Западен Балкан веднаш да воведат е-патарини.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов порача Самитот да биде силен глас што ќе го привлече и задржи вниманието на политичарите во регионот за приоритетите за негов развој, а каде предничи поврзаноста.

Според Иванов, неопходна е политичка и безбедносна поврзаност со членство во ЕУ и НАТО за да се надминат предизвиците со кои се соочуваат економиите и бизнисите во регионот, како што се малите пазари и големиот одлив на стручен кадар…

-Неопходно е Европската унија час поскоро да ги започне преговорите за членство со Македонија, посочи Иванов.

Неопходна е економска и транспортна поврзаност затоа што, како што укажа, високите транспортни трошоци ги прават нашите производи не конкурентни. Побара ЕУ да ја стави Македонија на мапата на големите инфраструктурни проекти.

– За да бидете поуспешни поврзувајте се, дигитализирајте се и трансформирајте се. За да бидете во чекор со времето приспособувајте се на потребите на новите генерации и дигиталната ера, бидејќи од вашиот успех во голема мера ќе зависи успехот на нашиот регион, рече Иванов.

Претседателот на Управниот одбор на Самит 100 и генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје Живко Мукаетов потенцираше дека транспортот и поврзаноста се едни од виталните елементи за регионалната соработка. Забележувајќи дека за да се стаса од Скопје до Сараево по копнен пат се потребни 12 часа, Мукаетов рече дека сон на Самит 100 кој се надева дека во најскоро време ќе премине во реалност е побрз проток на луѓе и добра во регионот.

Потенцира дека за полесен пристап до нови пазари на компаниите им е потребно здружување и посочи дека само преку интензивирање на регионалната соработка и градење синергија меѓу фирмите ќе се подигне конкурентноста на економиите, а на фирмите ќе им се обезбеди пристап до нови пазари, додека за странските инвеститори како еден унифициран пазар би биле многу попримамливи.

Како што најави Мукаетов, регионалната соработка на Самит 100 ќе биде официјализирана со потпишување меморандум за меѓусебно разбирање и соработка на самитската платформа со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан.

Меморандумот ќе се однесува на поттикнување на деловната соработка, унапредување на конкурентноста, на регионалната и на националните економии.

На Самитот учествуваат над 150 бизнис лидери од Словенија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, БиХ, Албанија, Србија и Косово.

Во тек на Самитот е најавено почнување на реализација на регионалниот проектот „Едисон“ за електрификација на автопатиштата во регионот.

Би можело да ве интересира

Бизнис заедницата бара повлекување и запирање на предлог Законот за данок на солидарност

Потпретседател на ССК проф. д-р Симов: ИКТ секторот, туризмот и агро бизнисот главни сектори за соработка со Бугарија

Ана Ололовска

Економијата на САД во март отворила 431.000 работни места, добар знак за Администрацијата на Бајден

А1он

Ќе се подобрува бизнис климата за развој на женското претприемништво

Ана Ололовска

Инфософт групацијата прослави 30 години постоење!

Ана Ололовска

Избрани најдобрите „зелени бизнис идеи“ за годинава

Жарко Настоски