Русија заинтересирана за преспанските јаболка

Од:

Откупот на трпезно јаболко во Преспа тече добро, има заинтересирани купувачи, но цената е релативно ниска, оцени претседателот на Здружението на овоштари Љубе Пампулевски.

Откупната цена за 12 до 14 денари по килограм прва класа ајдарет и околу 15 денари за црвен и златен делишес, според него, само ги покрива трошоците за производство.

– Оваа цена не е доволна за да бидат задоволни овоштарите затоа што производните трошоците се големи според одредени пресметки изнесуваат околу 11 денари за производството, гориво, пестициди, заштита, ѓубрива, работка рака…. На долг рок овоштарите не би можеле да издржат да произведуваат прва класа јаболка за таа цена, истакна Пампулевски.

Скоро една третина од годинашниот род, како што информира претседателот на Здружението на овоштари од Преспа, бил продаден, остануваат речиси две третини или околу 60 проценти за продажба.

– Имаме зголемена побарувачка од рускиот пазар за македонското јаболко бидејќи цената им го дозволува тоа, но и од земјите од каде што се снабдува веќе се продадени, па Русите доаѓаат да се обезбедат во Македонија. Само Македонија и Србија од европските земји немаат ембарго за извоз во Русија, појасни Пампулевски.

Климатските промени, посочи, го направија своето. Доцниот пролетен мраз уништи повеќе од половина од годинашниот род, а во некои региони и целосно родот бил измрзнат.

– Поради доцните пролетни мразови во одреднеи региони речиси нема трпезно јаболко, целиот род оди во индустрија или воопшто нема. Не се реализира ниту очекуваното производство од околу 50.000 тони, имаме едвај 40.000 тони од кои добар дел ќе биде индустрија, само 30.000-тина тони се трпезно јаболко. Слична е ситуацијата и во околните земји Грција, Бугарија, Албанија и Србија има се помалку прва класа јаболка, што значи дека глобалното затоплување си го зема својот данок, рече претседателот на Здружението на овоштари од Преспа.

Драстичната промена на температурата и обилните врнежи дожд во почетокот на септември, додаде, придонеле за брзо созревање на поголемата количина јаболка.

– Јаболката што се складирани во обични складишта, па и во ладилници заради стресот кој овошките го доживеаа од климатските услови траењето се сведува на пократок рок што претставува дополнителен проблем кај овоштарите. Имаат забрзана ферментација и мораат да ги продаваат, изјави Пампулевски.

Владините субвенции, нагласи дека се добредојдени за овоштарите, бидејќи им олеснуваат околу покривањето на трошоците.

– Субвенциите во овој тежок кризен период се добредојдени. Некои овоштари ги користат да ги подмират долговите, а некои да инвестираат. Секој денар од страна на државата е добредојден кај овоштарите бидејќи ниската откупна цена трае неколку години по ред, рече Пампулевски, додавајќи дека откупната цена е слична и во соседните земји, може да варира за денар до два.

Овоштарите од Преспа, информира преку земјоделски задруги планираат организирано да настапат на светските пазари, а со тоа да добијат и повисока откупна цена.

– Формиравме уште една, односно втора земјоделска задруга во делот на Преспа и организирано сакаме да настапиме на надворешни пазари каде што ќе можеме и она што го заработуваат трговците да го донесеме кај овоштарите, односно да имаме малку повисока цена на продажба. Сметаме дека тоа е најдобар начин македонското јаболко да се пласира надвор од државата бидејќи имаме хипер продукција, македонскиот пазар неможе да ги потроши произведените количини трпезно јаболко, подвлече Пампулевски.

Откупно-дистрибутивниот центар Ејпл ленд во Ресен може да складира добар дел од преспанските јаболка, но има потреба и од други вакви капацитети кои ќе овозможат јаболката од нивите да се складираат директно таму.

Би можело да ве интересира

Македонските јаболка најпогодени од руските санкции, неизвесен извозот и на праската и црешата

Ана Ололовска

Николовски од Ресен: Производителите на јаболка за прв пат оваа година ќе имаат две исплати за субвенции

А1он

Бавен откупот на преспанското јаболко, производителите бараат продолжување на субвенциите

Ана Ололовска

Ниските утрински температури предизвикаа штети кај овошките во Тиквешко

Ана Ололовска

Зголемување на органското производство кај житата, овошките и грозјето, драстичен пад кај индустриските култури

Ана Ололовска

Преспанските јаболкари добија поддршка од ресенскиот градоначалник во барањата околу цената

Жарко Настоски