Русија денеска вратила 11 вагони со турска стока, кои се наоѓале на бугарскиот ферибот „Варна“, што сообраќал на релација од градот Варна до руското пристаниште Кавказ, близу Краснодар.
Капетанот на траектот Јордан Големанов во изјава за бугарската агенција БТА нагласи дека не знае што содржат турските вагони, како ни која е причината за нивното враќање.
– Во принцип на фериботот се вршат многу строги контроли и при утовар и при истовар, вклучително и на празни вагони, изјави Големанов.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата сабота потпиша указ за воведување „специјални економски мерки“ кон Турција, кои меѓу другото опфаќаат и забрана за увоз на одредени турски стоки во Русија.
Санкциите кон Анкара уследија по уривањето на руски авион од страна на турското Воено воздухопловство над границата меѓу Турција и Сирија.