Рудникот „Саса“ поведе судска постапка против Мултиетничкиот синдикат на образованието. Како што информираа тие денеска, во рудникот постои репрезентативен синдикат кој е дел од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството – СИЕР, со кој менаџментот на компанијата преговараше и потпиша колективен договор во кој се дефинирани бенифициите и правата на работниците. Во тек се преговори меѓу раководството на рудникот и СИЕР за ново покачување на платите во текот на 2018 година и дополнителни бенифиции за вработените во „Саса“.
Меѓутоа, од неодамна во јавноста се појавила нова организација, која е дел од Мултиетничкиот синдикат на образованието – МЕСО, која нелигитимно се претставува дека има членови во рудникот „Саса“. „Сашо Јованов, кој се претставува како претседател на новата синдикална организација, не е вработен во рудникот „Саса“, а дополнително новата организација не достави никакви докази во форма на писмени изјави и платена членарина за ниту еден вработен во „Саса“ иако според законот тоа е единствениот начин да докаже дека е репрезентативен синдикат во компанијата“, информираа од рудникот.
Поради ваквата фактичка состојба, рудникот „Саса“ побарал од надлежниот суд да донесе пресуда и привремена мерка со која ќе ѝ забрани на оваа организација да доставува барања до компанијата и да организира какви било штрајкови и протести што може да го нарушат нормалното функционирање на рудникот. Со ваквата состојба се информирани и надлежното Министерство за труд и социјалната политика и Владата.
„Новите сопственици на ‘Саса’ – компанијата „Центар Азија металс“ од Лондон – неодамна јавно се обврзаа дека ќе продолжат да вложуваат во развојот на рудникот и во стабилноста на работните места на сите вработени. За потсетување, само пред десетина години, кога „Саса“ беше во државна сопственост, рудникот банкротира и сите тогашни вработени останаа без работа. Сега, кога рудникот доби нови инвеститори, навистина добива нова шанса за одржлив развој од кој сите ќе имаат големи придобивки: и вработените, и локалната заедница, и економијата на земјата и инвеститорите“, велат од рудникот.