Рудникот за олово и цинк САСА постави нов рекорд – 500 дена без повреда на работно место. Тоа е најдолг временски период на денови без повреда на работно место во оваа индустрија во земјава, но и пошироко. Претходниот рекорд на денови без повреда во рудникот САСА, во периодот од 11 години од рестартирањето на рудникот, изнесуваше 210 денови.
„Среќни сме и горди на ова достигнување кое е резултат на заедничата работа на сите вработени и преземените мерки за заштита и почитување на процедурите. Како менаџмент планираме и понатаму да вложуваме во безбедноста на рударите и сите вработени во рудниот САСА, затоа што заштитата на здравјето и безбедноста е највисок прироритет за сите нас“, изјави генералниот директор на САСА, Неил Стевенсон.
Заради одбележување на ова значајно достигнување, сите вработени во компанијата добија парична награда, а беше организирана и пригодна свеченост. „Им честитаме на сите вработени и на менаџментот на САСА за нивната посветеност во одржување највисок степен на заштита и безбедност во рудникот. Како синдикат ние секогаш се залагаме за поголема безбедност на рударите и затоа навистина сме имресионираи од она што досега е вложено и што е планирано во иднина да се направи на ова поле во САСА, изјави Марија Анчева, генерален секретар на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството – СИЕР.
Покрај вложувањата во безбедноста, новите сопственици на САСА – компанијата Централ Азија Металс од Лондон, продолжуваат и со инвестициите во нова најсовремена технологија во производството. Деновиве започна инсталацијата на новиот СМД млин во што се вложени над еден милион евра. Новата постројка, која е единствена од ваков вид во земјава, ќе ја зголеми ефикасноста и сигурноста на технолошкиот процес на извлекување на цинковиот концентрат од рудата која се ископува во САСА.