Новоформираниот рударски синдикат на САСА од Македонска Каменица, кој функционира во рамките на МЕСО, бара отпочнување на преговори со менаџментот на рудникот и исплата на плата во сооднос со профитот на компанијата.
На денешната прес-конференција во Скопје, синдикалците побараа 20 проценти од профитот што го остварува компанијата да им биде распореден на рударите.
– Бараме дел од профитот да се насочи кон нашата плата, односно 20 проценти од добивката да се дели за плата на рударите. Сите ги бараме парите кои ги заработуваме, рече Ване Наскоски кој работи како рудар во „Саса“.
Синдикатот на „Саса“ бара и стопроцентна заштита на вработените на работното место и да има еден час пауза меѓу смената рудари што излегува и смената што влегува во рудникот.
Од новоформираниот синдикат на „Саса“ обвинија и дека се вршат притисоци врз вработените за да не пристапуваат со синдикатот. Досега, велат имаат околу 350 членови.