Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави денеска дека Техеран ги поддржува сите дејствија за стабилизирање на светскиот пазар на нафта и зголемувањето на цените, јави ТАСС.
– Нестабилноста и паднатите цени на нафтата им штетат на сите земји, особено на нафтените производители, истакна Рохани.
– Техеран ги поддржува сите мерки, насочени кон пазарната стабилност и подобрувањето на цените на нафтата врз основа на спроведливост, чесност и праведни квоти за сите производители на нафта, забележа иранскиот претседател, насочувајќи го вниманието кон средбата меѓу ОПЕК и земји кои не се во картелот, која ќе се одржи наредната недела во Алжир.
Рохани разговараше со еквадорскиот претседател Рафаел Кореа Делгадо во рамките на средбата на врвот на Движењето на неврзаните во Венецуела.