Буџетот за 2013 година е проектиран за да одговори на последиците од светската економска и европската должничка криза коишто имаат силно влијание и врз Република Македонија. При неговото креирање внимававме да бидат опфатени сите значајни категории буџетски корисници. За следната година МТСП доби поголем износ на средства за околу 4 милијарди денари во однос на оваа година, како резултат на веќе усвоените зголемувања на социјалните трансфери, пред се на пензиите, социјалната помош, средствата коишто директно ќе влијаат на намалувањето на невработеноста…, вели во интервју за МИА министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Навременото донесување на Буџетот според него, значи дека ќе може да се продолжи со редовна исплата на сите социјални трансфери, но и нормално функционирање на државата во сите сфери.
– Обидот за создавање хаос во државата заврши со контраефект за тотално деструктивната опозиција. Народот го крена гласот и застана на страната на оние коишто навистина и мислат добро на државата и се грижат за интересите на сите граѓани на Република Македонија. Народот застана на страната на оние коишто власта ја добија на легитимни демократски парламентарни избори. Поддршката што ја добивме беше евидентна, а тоа е доказ дека граѓаните на оваа земја препознаваат неправдини и обиди за насилно преземање позиции и создавање анархија. Но, тоа е веќе минато коешто сигурно нема да биде заборавено од гласачкото тело. Буџетот е усвоен, а тоа значи дека се обезбедени средства за нормален тек и функционирање на сите општествени сфери. Замислете до недоглед да беше блокирана исплатата на плати, пензии, социјални помошти, субвенции, функционирањето и изградбата на детските градинки, училиштата, капитални инвестиции и сето останато? За среќа мнозинството во Република Македонија не го дозволи тоа, истакнува Ристовски.
Тој говорејќи за демографското стареење на населението како проблем, посочува дека Владата има повеќедимензионален пристап за намалување на последиците од оваа непопуларна појава, запазувајќи ги економскиот, социолошкиот, образовниот и културолошки аспект и притоа посочува на сите мерки кои досега се преземени. Тие, вели, даваат резултати. бидејќи е нотиран напредок на ова поле од Државниот завод за статистика, според кој бројот на живородени деца во третото тримесечје од годинава е за 3,5 проценти поголем во споредба со истиот период лани.
Во врска со тоа дали и колку стареењето на населението може да предизвика проблеми во функционирањето на Фондот за ПИОМ и на редовната исплата на пензиите во иднина министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакнува дека пензискиот систем и стареењето на населението како и економските состојби се секогаш поврзани. Но, додава Македонија веќе има преземено мерки за да се обезбеди социјалната сигурност на граѓаните.
– Во Република Македонија уште во 2000 година се започна со пензиските реформи заради обезбедување стабилен и одржлив пензиски систем на долг рок. Реформата ги балансира интересите на идните генерации на пензионери со интересите на сегашните генерации на пензионери, осигурувајќи соодветни пензии и за денешните и за утрешните стари лица. Споредено со останатите држави од регионот каде што соодносот на вработени и корисници на пензија драстично се намалува, во Република Македонија тоа не е случај. Но морам да напоменам дека соодносот 1,74 осигуреници на 1 корисник на пензија не ме радува и покрај тоа што овој сооднос не го доведува во прашање фукционирањето на пензискиот систем, вели Ристовски. Додава дека како Влада воопшто не размислувале за зголемување на старосната граница за пензионирање.
Во интервјуто Ристовски говори и за мерките што се преземаат за намалување на невработеноста и за резултатите што ги даваат.
– Резултатите од она што оваа Влада го нуди како политика за намалување на невработеноста се евидентни. Податок којшто неодамна го објави и Државниот завод за статистика. Од една страна нудиме Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување коишто секоја наредна година ги содржат мерките коишто дале најголем ефект во претходната година. Досега со шестте Оперативни планови беа опфатени повеќе од 42.000 лица, дел од нив преку директни вработувања и работни ангажмани, дел преку обуки и практики за подобрување на нивните работни вештини и способности, со што стануваат поконкурентни на пазарот на трудот и им се олеснува пристапот до работно место, вели Ристовски.