Францускиот производител на автомобили „Рено“ го претстави новиот модел Сеник ХМОД, кој претставува „крос“ верзија на моделот Сеник.
Рено ја продолжува традицијата започната со првата генерација на Сеник, кога на пазарот освен стандардната верзија понуди и „крос“ верзија РХ4 со погон на сите четири тркала. За разлика од тој модел, Сеник ХМОД ќе биде достапен само со погон на предната оска.
Новата полу-теренска верзија на Рено Сеник визуелно се разликува по зголеменото растојание од тлото и надворешниот изглед.
Дизајнирани се нови браници, а освен специјалните алуминиумски фелни, тука се и заштитни пластични додатоци на долните делови од браниците, праговите и лаковите на тркалата, како и хромирани носачи на покривот од возилото.
Сеник ХМОД доаѓа со нови ЛЕД светла и маска на ладилникот на која се наоѓа голем Рено знак во согласност со новиот тренд на компанијата.
Рено Сеник ХМОД е првиот модел на компанијата во кој се вградува новиот „Exstended Grip“ систем за контрола на погонот. Оваа технологија помага при движење во тешки услови, како што е возење на снег, кал или песок.
Во внатрешноста распоредот на местата за седење е модулиран, така што, секое седиште поединечно може да се помести, преклопи или отстрани од возилото.
Светската премиера на Рено Сеник ХМОД ќе биде на 5 март на Саемот на автомобили во Женева, а ќе се произведува во фабриката Дуе, во Франција.