Дводневна работилница за обновливи извори на енергија во рамките на проектот „Кон Иднината“ – Студија за потенцијалот и искористување на обновливи извори на енергија во прекуграничниот регион, кој е дел од програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија, од денеска ќе се одржи во Струмица во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
Темата на работилницата е „Искористување на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во целниот прекуграничен регион – Југоисточниот регион во Македонија и Југозападниот регион во Бугарија и надминување на пречките за имплементација на проекти”.
Учесниците ќе имаат можност да дознаат повеќе за соларната енергија, енергијата на ветерот и хидро енергијата присутни во прекуграничниот регион, технологиите за нивно искористување и можните начини за финансирање на проекти од областа на обновливите извори на енергија.
Целта на работилницата е да се разгледаат и анализираат заедничките бариери во однос на искористувањето на обновливите извори на енергија во прекуграничниот регион. Зголемувањето на енергетската ефикасност ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на животот на жителите во регионот.