Утре, по цели пет години откако е изградена и по многу проблеми кои ја следеа нејзината изградба и пуштање во употреба, за првпат ќе биде пуштена во употреба вата шестоседна жичница „Лајтнер“ во Ски-центарот „Попова Шапка“, најави државната компанија „ЕЛЕМ Турс“, која стопанисува со зимскиот центар.
Користењето на шестоседот на првиот ден на пуштањето е бесплатно за панорамски разглед за посетителите на Попова Шапка, велат од фирмата.
– Станува збор за супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава. Должината на трасата на жичницата е 1.510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2.400 скијачи на час. Шестоседната жичница е позиционирана на локацијата од Мал Јелак до врвот на ски-лифтот Ајдучка Рамнина (поранешно Ге). По трасата на новата жичница ќе се овозможат нови ски-патеки во должина од над три километри, велат од „ЕЛЕМ Турс“.
Останатите денови шестоседната жичница ќе работи редовно, како и останатите ски-лифтови и жичници – од 9 до 15:30 часот. Цената за едно возење на шестоседната жичница од сабота е 150 денари. За сите билети во Ски-центарот се наплаќа повратна кауција во висина од 200 денари.
– Новата жичница со постојните ски-лифтови и жичници ќе овозможи подобар и побрз проток на скијачи и ќе понуди уште поатрактивни скијачки патеки. Со тоа, Ски-центарот „Попова Шапка“ и оваа сезона е вистинскиот избор за скијање и сноубординг и за сите кои уживаат во зимските спортови, порачуваат од ЕЛЕМ Турс и додаваат дека утре на пуштањето во работа на шестоседната жичница ќе присуствуваат министерот за економија Крешник Бектеши и управителот на „ЕЛЕМ Турс“, Адем Авзиу.