Со чартер лет на „Смал плантер ерлајнс“ од Катовице денеска на охридскиот аеродром „Св. апостол Павле“ пристигна првата група од 220 туристи од Полска кои организирано ќе летуваат на охридско-струшката ривиера.
Станува збор за организиран престој на гости од Полска кои ќе одмараат во Охрид и Струга преку аранжманите што за Македонија на тој пазар ги нуди полскиот тур-оператор „Рего-бис“, една од поголемите туристички компании во Полска.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посакувајќи им добредојде на полските туристи истакна дека Владата со серија мерки ќе работи на унапредување на авиособраќајот во земјата и во насока на привлекување што поголем број туристи во Македонија.
Како што истакна Алпер Ерсој, генералниот директор на ТАВ Македонија, од денеска се до крајот на септември на охридскиот аеродром ќе пристигнат вкупно 14 чартер авиони од Катовице, а за во иднина најавени се и чартер летови и од Варшава. Заедно со некои туристи кои доаѓаат во Македонија со автобуски превоз, се очекува оваа сезона во Македонија да летуваат околу пет илјади Полјаци.
Габриела Манку-Соколу, сопственичката на тур-операторот „Рего-бис“ истакна дека интензивно е работено на промоција на македонската туристичка понуда пред потенцијалниот полски пазар.
– Драго ми е што ете тука се првите туристи од Полска. Нашата агенција нуди аранжмани за одмор во сите држави на Балканот, сега ви останува вам преку маркетинг-активности, добра услуга и гостопримство да се наметнете во освојување на интересот на полскиот турист, рече Манку-Соколу.
Покрај летовите од Полска, на охридскиот аеродром за време на летната сезона сообраќат сезонски летови на „Корендон“ и „ТУИ Аркефлај“ од Амстердам, на „Томас Кук“ од Брисел, чартер-летови на „Аркиа“ од Израел, како и со сезонските летови на „Ер Србија“ од Белград и редовните летови на „Визер“ од Лондон и Базел и на „Германија флуг“ од Цирих.