Главен фокус на Економскиот совет на Прилеп е раст, развој и одржливост на прилепското стопанство. Ова го договорија прилепските стопанственици членови на Економскиот совет на првата седница, што се одржа синоќа со новиот претседател, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.
На оваа седница се дефинирани приоритетните цели во работата на Економскиот совет, што ќе бидат во насока на поквалитетен живот на граѓаните на Прилеп.
– Работата на ова тело, ја гледам токму во оваа насока, на дефинирање на правците на развој, приоритетите, идентификување на проблемите на кои што наидувате. Но, и изнаоѓање решенија за нивно брзо и целосно надминување. Идентификување на потребите за инфраструктурен развој, урбанистичко планирање, сообраќајни решенија, дефинирање мерки за поддршка на стопанството, или сè она што може да се направи во насока на креирање на подобра бизнис клима. Како фит-бек, очекувам поттикнување на нови инвестиции, повисок стандард за граѓаните и креирање нови работни места, им порача на стопанствениците градоначалникот Јованоски, новиот претседател на Советот.