Граѓаните и бизнис заедницата од денеска можат да имаат увид во урбанистичките планови на целата територија на државата преку геопроталот на Агенцијата за катастар на недвижности преку врската: http://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/. Тоа го овозможува новата електронска услуга што денеска беше промовирана во присуство на премиерот Емил Димитриев и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
– Станува збор за услуга со која сите граѓани и бизнис заедницата можат преку електронски пат да проверат што е предвидено во нивната или други парцели, што е предвидено во ДУП-овите за градење,… Со оваа алатка може да ги видат и цените на градежното земјиште, изјави Димитриев.
Тој посочи дека новата електронска услуга е една од најклучните реформи што ги има направено Катастарот во изминатиот период со многу посветена работа и континуитет со што, потенцира, сме многу понапред од многу земји во Југоисточна Евроа, па и пошироко.
– Новата услуга на Катастарот ќе има далекусежни позитивни последици во работењето на градежните компании и кај луѓето, бидејќи дава огромна транспарентност, прилично голем број информации и е од голема помош, рече Димитриев и додаде дека креирањето нови услуги за граѓаните треба да продолжи и во иднина.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески посочи дека во изминатите десет години Катастарот доби огромна поддршка од Владата и додаде дека денешната посета на премиер на инситутцијата е четврта по ред. Со новата електронска услуга на Катастарот, посочи, транспарентноста на планирањето и податоците е загарантирана.
– На геопорталот на Агенцијата за катастар на недвижности од денеска секој граѓанин може да види што има во неговата грдежна парцела и што е предвидено да се гради во неговата парцела и во соседството, а бизнис компаниите може да видат кое е слободно земјиште преклопено со податоците од Катастрот за целата територија на Република Македонија, рече Трпески.
Нагласи дека во мементов на Регистарот за градежно земјиште, поточно на веб-порталот веќе се објавени преку 1.000 урбанистички планови.
Графичкиот регистар за градежно земјиште ги прикажува урбанистичките планови во просторот заедно со катастарските планови. Достапни се информации содржани во урбанистичкиот план за секоја градежна парцела, како и информација дали таа е слободна или веќе е реализирана.
Со овој регистар е направена стандардизација во изработката на сите видови урбанистички планови и урбанистичко-планската документација, овозможен е транспарентен преглед на локациите каде што има донесено урбанистички планови и урбанистичко-планска документација, овозможен е преглед на сопственоста на катастарските парцели кои ја сочинуваат градежната парцела, преглед на градежното земјиште по нумерички показатели (намена, катност, површина итн.), како и преглед на градежните парцели во државна сопственост.
Графичкиот регистар за градежно земјиште овозможува и историски преглед на секој урбанистички план, односно кога е донесен, кога и со која одлука на советот е ставен вон сила, важност на планот, а доколку се работи за измена и дополнение на дел од урбанистичкиот план и бројот на одлуката со која е донесена измената.
Преку овој регистар, планерот уште во рана фаза има јасна слика од кои катастарски парцели е составена секоја градежна парцела што ја дефинира, како и податоци за сопственоста на катастарските парцели од кои е составена градежната парцела.
Во Графичкиот регистар на градежно земјиште се внесени: 10 урбанистичко-плански документации за градби од посебен интерес, 19 детални урбанистички планови, 110 архитектонско-урбанистички планови, 7 урбанистички планови за села, 31 локална урбанистичко-планска документација, 277 инфраструктурни проекти, 1 ГУП и 4 ГУП-ови за градски четврти или вкупно 2557 урбанистички планови вклучувајќи ги и урбанистичките планови и урбанистичко-планските документации донесени пред воспоставувањето на овој регистар за градежно земјиште. Во Графичкиот регистар на градежно земјиште се внесени вкупно 47.638 градежни парцели, односно 14.912.966 метри квадратни вкупна површина на градежно земјиште во Македонија.