Промената на времето не е проблем за бизнисот, туку неусогласеноста на божиќните празници и недела неработен ден

Од:

Промената во сметањето на времето од летно во зимско и обратно, не прави некоја посебна разлика за бизнисот, многу побитно е тоа што се уште не сме усогласени во однос на божиќните празници кои различно се одбележуваат согласно јулијанскиот и грегоријанскиот календар, оценуваат стопанствениците.

Дел од нив, пак, повторно укажуваат на потребата да се работи и во недела.

– Реално, промената од еден час порано или подоцна не е некоја голема разлика што суштински би се одразила врз бизнисот. Всушност, усогласеноста околу јулијанскиот и грегоријанскиот календар е сериозно прашање. Тоа е голем проблем, а не гледам на повидок некое решение. Божиќ кај нас се слави на 7 јануари, додека секаде низ западниот свет и останатите земји освен Србија и Русија, се слави на 24 декември. Сите западни земји од 24 декември до Нова година не работат, а ние работиме и потоа обратно, тие работат на 7 јануари, а ние не. Практично, се губи цел месец. Се губат околу 30 дена во однос на деловните активности и тука имаме сериозни штети. Се работи за сложена црквено-политичка одлука која не знам како би се изменаџирала, а апсолутно не зависи од бизнисот, вели претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Горан Ѓорѓиевски.

Ставот на ССК, нагласува Ѓорѓиевски, е дека треба да се усогласиме со правилата на ЕУ и во однос на временските зони, но и за се останато.

-Ние се стремиме кон ЕУ, значи треба се да усогласиме со Унијата за се, дециден е претседателот на ССК.

И според в.д. претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), Нухи Алиу, еден час разлика во сметањето на времето речиси воопшто не влијае врз бизнисот. Многу поголеми проблеми, па и загуби, укажува Алиу, предизвикува одлуката – недела да биде неработен ден.

– Нема посебно влијание промената во сметањето на времето. Ние имаме поголеми проблеми во економијата за да се „фатиме“ за тоа дали еден час порано или подоцна почнува работното време. Јас би го акцентирал прашањето за недела – неработен ден. Тоа е и нашата конкретна примедба зошто ваквата одлука не е добра. Во недела доаѓаат многу гости од Албанија, Косово, Србија,… и тука, всушност, многу губиме. Тие луѓе кои редовно доаѓаат, кои ни се редовни гости и ни носат пари, затоа што ја прогласивме недела за неработен ден, не доаѓаат веќе. Можеби некои доаѓаат заради моловите, инаку ништо. Затоа имаме забелешка и сакаме повторно да се врати неделата – да биде работен ден. Ние тоа го побаравме од Владата и институциите, имаме и иницијатива, но засега се уште немаме дефинитивен одговор. Неделата е работен ден кој во однос на другите работни денови носи највеќе за државата и Буџетот, објаснува Алиу.

В недела, на 26 октомври, почнува зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот во 03:00 часот по полноќ ќе се поместат еден час наназад, па наместо три, ќе биде два часот.

Би можело да ве интересира

Средношколци од Прилеп наградени за бизнис идеја: мебел-коцка што се трансформира

Жарко Настоски

Азески: Политичките случувања не влијаат врз бизнисот со Бугарија

Спасовски и Апостолска: Владата направи пресврт во поддршката на бизнисите

Заев: Стравував дека ќе ми заврши животот на 27 април

Груевски на бизнис забава во Будимпешта

А1он

Променливото време не е штетно за овошките