Поради блокадата на граничниот премин Блаце од страна на македонските превозници сообраќајот за сите видови возила е во прекин во двата правци. Македонските превозници го блокираа преминот синоќа со десетина камиони и автобуси во знак на протест за косовската трговска блокада.
Биљана Муратовска, генерален секретар на здружението на транспортери МАКАМТРАНС, чии камиони се на Блаце, изутринава изјави дека очекуваат што поскоро да почнат преговори меѓу надлежните институции од двете држави со цел надминување на настанатите состојби. Со блокадата, како што вели, сакаат да порачаат дека спуштањето на рампата од Косово е нестандардна и ригорозна мерка, што најмногу ќе ги погоди превозниците.
– Нашата намера целосно да го блокираме влезот и излезот на границата со Косово е во знак на протест. Бараме да се седне и да се преговара и да се престане со овие блокади, зашто ние транспортерите сме први кои ги чувствуваме последиците. Како и да е, што и да се случува понатаму, сепак ќе седнат на маса. Зошто да губиме време, вака најгласно ќе ја кажеме пораката што ја имаме, без намера да нанесеме било кому штета, зашто и без тоа сме блокирани, не можеме да влегуваме во Косово, вели Муратовска.
Владини претставници на Македонија и на Косово вчера во Приштина одржаа средба, но продoлжија ембаргото за македонски производи во косовската држава, како и плаќањето такса за косовските граѓани и возила при влез во Македонија.