Агенцијата за катастар на недвижности ја продолжува акцијата „Отворено со Катастарот“ со цел граѓаните преку директни средби со стручните тимови на Агенцијата да ги решаваат своите проблеми.
Акцијата продолжува денеска во Битола каде стручните тимови на Катастарот до четврток ќе остваруваат средби со граѓаните, а од 29 до 31 јануари во Охрид.
Дел од активностите на стручните тимови при посетите ќе бидат насочени и кон поддршка на подрачните одделенија во спроведувањето на новите проекти на Катастарот, како што е Проектот за дигитализација на катастарските планови.
Акцијата „Отворено со Катастарот“ ќе продолжи и во февруари, март, април и мај. Во февруари со стручните тимови на Агенцијата граѓаните ќе можат да се сретнат во скопските општини Карпош, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром.
Во март стручните тимови на Агенцијата за катастар ќе бидат во Струга, Дебар, скопските општини Центар Чаир и Бутел, Струмица, Радовиш, Прилеп, Кавадарци, Неготино.
Во април планирано е средби да се одржат во Гевгелија, Валандово, Крива Паланка, Велес, Штип, Демир Хисар, Кочани, Виница и Ресен, Гостивар и Тетово.
Во мај акцијата „Отворено со Катастарот“ ќе биде заокружена во Берово и Делчево.