Американската агенција за меѓународен развој УСАИД денеска во Скопје ќе ги презентира резултатите од четиригодишен проект за индустриски менаџмент.
– Во текот на последните четири години, Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент, со воведување на систематски и континуиран мониторинг/управување со потрошувачката на енергија во компаниите, помогна на приватниот индустриски сектор во подобрување на неговата конкурентност на пазарите во земјата и странство, преку намалување на потрошувачката и трошоците за енергија, што резултира и со намалување на емисиите на стакленички гасови, велат од УСАИД.
Со инсталацијата на современи системи за следење и управување на енергијата, додаваат оттаму, 17 индустриски компании во земјата сега се во можност да ја контролираат нејзината употреба и да носат стратешки одлуки за реализација на проекти за зголемување на енергетската ефикасност во нив.
На национално ниво, се потенцира, овие системи придонесуваат за намалување на изложеноста на големи варијации на цените на енергијата, како и за енергетската сигурност на земјата, преку намалување на зависноста од увоз на енергија.
– Енергијата е ресурс кој може да се управува – нејзиното ефикасно користење помага да се зголеми профитот на компаниите преку намалување на производните трошоците. Пристапот и употребата на енергијата стануваат сѐ поскапи и влијаат негативно на животната средина. Во многу земји, вклучувајќи ја и Македонија, ерата на ефтина енергија завршува, посочуваат од УСАИД.
На презентацијата ќе бидат присутни и ќе се обратат директорот на мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн и директорот на Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент, Драган Блажев.