Претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Одиле Рено-Басо денеска е во посета на Бугарија – нејзина прва посета на таа држава по преземањето на функцијата на крајот на 2020 година.
Предвидени се средби со премиерот Кирил Петков и вицепремиерот и министер за финансии Асен Василев, како и со претставници на бизнисот и финансискиот сектор. Се очекува да биде потпишан меморандум за разбирање со бугарското Министерство за финансии за поддршка на ЕБОР во спроведувањето на проекти и кофинансирање на проекти финансирани од фондовите на ЕУ, вклучително и Планот за обнова и одржливост со обезбедување до 6,3 милијарди евра финансиска помош од ЕУ за инвестиции и реформи.
За време на посетата, Одиле Рено-Басо ќе го посети и аеродромот во Софија, кој е меѓу клучните инфраструктурни инвестиции на ЕБОР во Бугарија.
Досега ЕБОР има насочено повеќе од 4,3 милијарди евра за 277 проекти во Бугарија. Во 2021 година, инвестициите на ЕБОР во таа држава достигнаа над 245 милиони евра, јави БТА.
Извор: МИА