Предлог буџетот за 2022 година на 15 ноември влегува во Собранието

Од:

Предлог Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година на 15 ноември влегува во Собранието, каде десет дена по него ќе се расправа на седница на матичната Комисија за финансирање и буџет.

Во овој временски период ќе има амандманска расправа, по што тој ќе биде вратен во Владата која ќе изготви дополнет предлог со евентуално прифатени амандмани, по што ќе се врати на пленарна седница на Собранието.

Буџетот треба да биде донесен најдоцна до 31 декември годинава.

Пари за реализација на проекти од патната и железничката инфраструктура, за изградба на магистрални гасоводи и интерконективни гасоводи со Грција и Косово, како и за здравството, образованието и земјоделството, се предвидени во Предлог-буџетот за 2022 година. Обезбедени се и пари за редовна исплата на плати, пензии и социјални трансфери.

Планирани се и средства за исплата на субвенции во земјоделството, за поддршка на приватниот сектор, за спроведување на активните мерки за вработување, а ќе се зголемат и средствата што ќе ги добијат општините согласно реформата за унапредување на фискалната децентрализација. За здравствена заштита планирани се средства во износ од 36 милијарди денари кои во најголем дел се наменети за финансирање на здравствените услуги, мерките за заштита од ковид пандемијата и достапност на лековите за населението. Не се изоставени и здравствените работници кои ќе добијат зголемување на платите за што се предвидени 700 милиони денари.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари (3,885 милијарди евра) или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари (4,4 милијарди евра) или 30,9 проценти од БДП. Вкупните приходи се за 7,4 проценти повисоки од 2021, а кај расходите има зголемување за 1,4 проценти во споредба со расходите во 2021 година, но тие се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година.

Дефицитот е на ниво од 33,5 милијари денари (545 милиони евра) или 4,3 проценти од БДП, а стапката на инфлација е проектирана на 2,4 проценти и се очекува во втората половина од годината веќе да се намали притисокот предизвикан од енергетската криза.

Капиталните расходи се проектирани на ниво од 37,8 милијарди денари и се зголемени за 27 проценти во однос на 2021 година, а нивното учество во вкупните расходи е 14 проценти што претставува најголемо учество досега. Ова, според надлежните, е показател дека буџетот е развоен.

Проекциите за бруто инвестициите се дека тие ќе се зголемат за 8,5 проценти на реална основа, а потрошувачката за 3,1 процент. Се очекува да продолжи и трендот на зголемување на извозната активност на домашните компании која следната година би забележала раст од 8,3 проценти, а позитивни движења се очекуваат и на пазарот на труд каде бројот на вработени би бележел раст од 3,1 процент што би влијаело врз стапката на невработеност.

Буџетот е креиран врз основа на очекувањата за економските движења на глобално ниво, а посебно на Германија како наш најголем економски партнер. На глобално ниво се очекува следната година да се вратат стапките на раст од преткризното ниво. Растот на глобалната економија во 2021 година се очекува да достигне 5,9 проценти, а во 2022 година да изнесува 4,9 проценти, согласно октомвриските проекции на ММФ. За ЕУ, проектирана е стапка на раст од 5,1 процент за 2021 година и 4,4 роценти за 2022 година, додека за Германија како наш најзначаен трговски партнер се предвидува раст од 3,1 процент во 2021 и 4,6 проценти во 2022 година.

Со седницата на Комисјата за финансирање и буџет ќе заседава Марија Петрушевска, заменичка на досегашниот претседател на Комисијата Тимчо Муцунски, кој беше избран за градоначалник на Општина Аеродром.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Приоритет ќе бидат когенеративните термоцентрали да изградиме четири или пет такви

(ВИДЕО) Лукаревска до Мицкоски: Го уништивте Скопје, каде ви се автобусите што ги ветувавте?

Мицкоски: Состојбата во Буџетот која што ја наследивме беше алармантна

Вучиќ: Нема да успеат, Србија нема да застане

Брнабиќ: Погазувајќи го достоинството на Собранието, се радуваат оние кои не сакаат просперитетна Србија

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025