Со 101 глас „за“, ниту еден „против“ и без „воздржани“ пратениците ја изгласаа потребата од носењето на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата во Република Северна Македонија. Со предлог законот кој се носи по скратена постапка минималната плата ќе изнесува 18.000 денари.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска со предлог законот се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика. Таа потенцираше дека до ова законско решение се дојде преку дијалог со социјалните партнери.
„Тоа е потврда дека за најважните прашања во државата одлуките кои се во интерес на граѓаните ги носиме заедно. Овие измени ќе опфатат околу 80.000 наши сограѓани, кои со исплатата на мартовската плата од април ќе добијат покачување на платата од 15.200 на 18.000 денари. Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со предлог измените се предвидува, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година“, рече Тренчевска.
Предлог законското решение, треба да ги помине собраниските комисии за труд и социјална политика и законодавно – правната комисија.